Поранешните обвинители од Специјалното јавно обвинителство влегоа во првата група на функционери чиј имот ќе го „чешла“ Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Во истата група со СЈО се и претседателите на судовите, но не сите.
Проверките на Антикорупциска значат споредба на податоците од поднесените анкетни листови со податоците од соодветните институции за опфатените функционери.
ДКСК го „скокна“ претседателот на Врховен суд
Во последните минути од вообичаеното работно време на администрацијата, Антикорупциска денеска ја извести јавноста дека го усвоиле годишниот план за следење на имотната состојба и судир на интереси. Притоа, утврдено е на кои функционери ќе им се прават проверки за тоа што напишале дека поседуваат во анкетните листови, а што како „трага“ за нив има во банките, катастарот, берзата.
Не е изненадување што во документот пишува дека први за проверка се претседателите на основните и на апелациските судови. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, го најави тоа и завчера и пред Нова Година. Но, во тие нејзини изјави се велеше дека ќе се прави проверка на претседателите на сите судови во земјата. Според документот испратен до јавноста, недостасува првиот човек на „главниот“ суд – Врховниот.

А во последнива година, двајца луѓе седеа во претседателската фотелја во Врховен. Актуелниот в.д. претседател Фаик Арслани и разрешениот Јово Вангеловски. И двајцата, барем засега, ќе се „спасат“ од проверка.

На списокот е екс-тимот на Јанева, но не и актуелниот на Јовески
Освен за судиите, се очекуваше ДКСК брзо да ги почне проверките и за обвинителите. Како што се вели во самиот документ:
„Проблемите во владеењето на правото се препознаени веќе подолг временски период од страна на меѓународните организации и домашната јавност. Тие резултираат во ниска стапка на санкционирање на коруптивното однесување на ниво на општество, вклучително и во самиот сектор правосудство. На тој начин се поткопува општествениот систем зашто судската власт не функционира соодветно, што директно се одразува на севкупното функционирање на општеството“.
Но, и тука ДКСК прави селекција кои обвинители ќе ги проверува. Во Акцискиот план ги нема обвинителите од редовното јавно обвинителство, но затоа на списокот се 11-темина обвинители од СЈО.
Проверките ќе продолжат
Како што велат од Антикорупциска, годишниот план за проверки на функционери опфаќа една календарска година. Тој, пак, е поделен на четири тримесечја. Засега нема најави кои носители на функции ќе бидат „под лупа“ во следните квартали, откако ќе помине проверката на претседателите на основните и апелациските судови и на обвинителите од СЈО.