На секои 100 граѓани во земјава, 48 пушат цигари. Оваа статистика, за процентот на пушачи (48,4%) од вкупното население, ја прави Македонија лидер во регионот, но и држава која влегува во светската топ 10 листа на земји каде што најмногу се пушат цигари.
Поразителните податоци се производ на заедничкото регионално истражување на домашната тинк-тенк организација „Аналитика“ и Универзитетот во Чикаго. Ги соопштија денеска на онлајн брифинг со медиумите и други заинтересирани групи.
Мажите повеќе од жените
Ако пушачите во земјава се поделат според полот, јасно е дека далеку почесто и повеќе пушат мажите. Или, попрецизно, на секои 100 мажи, дури 58 користат тутунски производи. Кај жените, соодносот е 39 кориснички на тутун на секои 100.
Не само што мажите почесто се пушачи туку и консумираат повеќе цигари на ден од жените. Како што покажува графиконот подолу, 51,3% од мажите пушачи консумираат најмалку 20 цигари во денот. 16,6% пушат од 10 до 20 цигари, додека 32,1% консумираат помалку од 10 цигари на ден. Кај жените пушачи, едно „пакло“ или повеќе пушат 34,7% од испитаничките. Помалку од 20, но повеќе од 10 цигари дневно пушат 29% од жените пушачи, а 36,4% консумираат помалку од 10 цигари на ден.

Пуши еден, пуши цело семејство
За свеста на македонските пушачи за околината, пак, говори друг „сет“ податоци. Дури 97% од оние што консумираат тутун барем еднаш добиле коментар дека нивната навика им пречи на други луѓе. Ама, тоа не се одразува многу на навиката, особено кога е во прашање домот.
На прашањето дали се пуши кај нив дома, само 11,9% од пушачите одговориле „не“. Тоа значи дека во поголема или помала мера останатите 88,1% палат и по дома.
Истражувањето, сепак, покажува дека и голем број непушачи имаат „однос“ кон пушачите. Така, меѓу оние што не користат тутун не се пуши во домот кај 42,9%. Останатите непушачи, 57,1%, дозволуваат да се пали кај нив дома.
Прва Македонија, втора Црна Гора
Барем кога е во прашање регионот, Македонија е лидер и според процентот на население кое користи готови цигари, 44,5%. Останатите пушачи користат и тутун за виткање или само тутун за виткање. Втори во регионот по употребата на готови цигари се Црногорците (36,8%), по што следуваат Косово, БиХ, Србија и Албанија. Кај тутунот за виткање води БиХ, каде што 9,7% од населението користи и тутун за виткање.

Тутунот убива, ама и носи леб на маса
Најдобриот „лек“ во развиените држави кој придонесе кон намалување на бројот на пушачи е едноставен – поскапување на цигарите. А во Македонија цигарите се најевтини, не само во регионот туку и во Европа.
Ако просечна цена на „пакло“ цигари во земјава е 105 денари, во регионот цената е 130 денари. Во ЕУ просечна цена на кутија цигари е 301 денар.

Па, иако се најевтини во Европа, дури 83% од возрасните во Македонија сметаат дека цигарите во земјата се скапи. Логично, повеќе од половината пушачи се категорично против цигарите повторно да поскапат за 5%.
Парадоксот во македонскиот случај е што, додека е јасно дека тутунот убива, државата исплаќа субвенции на производителите на тутун. Или, како што велат авторите на студијата, земјата исплаќа највисоки субвенции за тутун во Европа. Лани таа сума изнесуваше 30 милиони евра од државниот буџет.
