Согласно ставот на Уставниот суд, Владата ја смени и одлуката за полицискиот час, така што сега и највозрасните и најмладите ќе може да излегуваат надвор до 19 часот
Државниот комунален инспекторат добива надлежност да контролира дали се спроведува мерката за носење маски, марами или шалови, како заштита од коронавирусот.
Владата вчера донесе дополнување на Уредбата за носење лична заштита заради спречување на ширењето на коронавирусот. Со измената, како што соопштија од Владата, се проширува вршењето надзор врз спроведувањето на оваа мерка, за што овластувања добиваат и Државниот комунален инспекторат, општинските комунални инспектори и комуналните редари.
Согласно ставот на Уставниот суд во однос на полицискиот час, Владата донесе и измени и дополнувања на одлуката за ограничување на движењето во вонредна состојба, со која забраната за движење од 19 до 5 часот сега важи за сите граѓани, вклучувајќи ги и лицата над 67 години, како и децата и младите до 18 години.
