Ќерките на Путин се најдоа на листата санкции на Канада, но претходно и на американската и британската листа, од причина што западните земји веруваат дека преку нив рускиот претседател прикрива дел од својот имот
И Канада воведе санкции за двете возрасни ќерки (Катерина Владимировна Тихонова и Марија Владимирнова Воронцова) на рускиот претседател Владимир Путин, за кои тамошните власти се сомневаат дека прекриваат дел од богатството на нивниот татко. На списокот за санкции се најдоа уште 12 други соработници на, како што соопштија, рускиот режим.
Претходно овој месец, и САД и Велика Британија воведоа санкции за двете ќерки на Путин од истите причини.
„Продолжуваме да ја следиме ситуацијата и да ги координираме активностите за да одговориме на ужасната инвазија на Путин“,
рече премиерот Џастин Трудо коментирајќи ги чекорите што ги преземаат западните сојузници.
Исто така, Трудо кажа и дека Канада ќе обезбеди тешка артилерија за Украина што беше и последното барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Канадскиот премиер претходно во текот на денот беше дел од лидерите кои денеска разговараа за најновите случувања во Украина. Во разговорот учествуваа претседателот на САД Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот премиер Борис Џонсон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и лидерите на Италија, Полска и Јапонија.
Целта на овој онлајн разговор, како што соопшти Белата куќа, била „да се разговара за континуираната поддршка за Украина и напорите Русија да се смета за одговорна во кругот на сојузниците“.