Вицепремиерот за европски прашања вели дека, иако преференцијата е декември, од неколку главни градови во Европа слушнал дека и јануари останува како можност да се успее
Фокусот за договор со Софија за надминување на разликите е на декември, но периодот е краток и затоа не се исклучува и јануари како опција за датум за почеток на преговорите на земјава со ЕУ, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за ТВ 24.
Тој потенцира дека актуелниот претседавач со ЕУ, Словенија има стратешки интерес „да го мрдне регионот кон Европската Унија“, потсетувајќи дека по неа претседавањето со ЕУ го презема Франција, каде што напролет се предвидени претседателски избори.
„Иако преференцијата е декември, од неколку главни градови во Европа слушам дека и јануари сепак останува како можност да се успее, што ни дава можеби малку повеќе време, иако мислам дека фокусот треба да ни биде на декември“,
Во пресрет на Самитот на ЕУ во декември, утре во Скопје ќе престојува австрискиот министер за европски и меѓународни работи, Михаел Линхарт.
Исто така утре во дводневна посета на земјава ќе допатува полскиот претседател Анджеј Дуда.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави денеска дека е клучно ЕУ да се одважи и да се даде зелено светло за преговори на декемврискиот самит.
„ЕУ не смее да не уценува со дополнителни отстапки и национални понижувања. Веднаш треба да се даде зелено светло за пристап во ЕУ. Процесот на преговори е долг и во рамки на тој процес можеме да ги преговараме сите разлики со нашиот источен сосед, но ЕУ веднаш требада се одважи, да му даде признание на овој народ и да почнеме преговори“,
рече Мицкоски.