Од 20 март, сепак, ќе биде неопходно да се носи заштитна маска и превентивно да се одржува физичка дистанца
По 20 март, во Германија треба да се укинат најголемиот број ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирусот. Ваква одлука е донесена во Берлин на состанокот меѓу канцеларот Олаф Шолц и претставниците на сојузните покраини, со најава за задолжителна вакцинација „за следната есен и зима“.
„Сега можеме да гледаме кон иднината со поголем оптимизам отколку што можевме во последните неколку недели. Мислам дека по две долги години заслужуваме да ги подобриме работите и се чини дека токму тоа се случува“,
ја цитираат медиумите изјавата на Шолц.
Тој оцени дека ова е „голем ден“ во досегашниот тек на пандемијата и оти Германија поминала добро, во споредба со другите земји, преку сојот омикрон. Врвот на овој бран е зад нас, рече Шолц.
Планот од три точки предвидува укинување на ограничувањата во фази – за приватни собири, продавници, ресторани и хотели. Од 20 март, сепак, ќе биде неопходно да се носи заштитна маска и превентивно да се одржува физичка дистанца.
Шолц потсети дека неговата влада е за задолжителна вакцинација, иако се соочува со противење во Бундестагот, пренесува РСЕ.
„Задолжителната вакцинација е мерка која е потребна за следната есен и зима“,
посочи Шолц, потсетувајќи дека олеснувањето на мерките оди рака под рака со проширената програма за имунизација.
Тој предупреди дека пандемијата не е завршена „и можно е нов вид да е зад аголот, да ни понуди нови предизвици“ и дека „мора да бидеме способни да се заштитиме“.
Најава за укинување на најголем дел од рестрикциите од денеска најави Швајцарија, а од март и Австрија откако земјата стана прва во Европа која воведе задолжителна вакцинација.