Беса ја поддржува иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за промена на Законот за Владата, односно бришење на деловите од законот за техничката влада како чекор пред парламентарни избори. Од партијата на Билал Касами најавија дека би поддржале законски измени во Собранието.
„Го потврдуваме нашиот став дека на државата ѝ се потребни стабилни институции, политичка стабилност и конкретни чекори за економско закрепнување. За да се обезбеди тоа, повеќе од неопходно е земјата да оди на предвремени избори, затоа укинувањето на процедурите за техничка влада е чекор за забрзување на излезот на земјата од кризата што ја зафати и преку одржување на предвремени избори што е можно поскоро како единствено решение кое ќе донесе политички промени и ново мнозинство, стабилно и со јасна визија за иднината на државата, што оваа власт и мнозинството СДСМ-ДУИ немаат капацитет да го обезбедат“,
соопшти БЕСА.
Оттаму обвинуваат дека Владата и сегашното мнозинство немаат капацитет да ги водат државните институции. Велат дека секое пролонгирање на оваа, според нив нестабилна состојба, може да има големи политички последици, но и за економијата на земјата.
Денеска коориднаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кажа дека предвремени избори нема да има, а за измени на Законот е потребен консензус на четирите најголеми партии – нешто што во моментов го нема.