Според Алијанса за Албанците, одлуката на Судот од Стразбур силно удира врз оние кои се надевале и се обидувале да се пазарат со правдата во интерес на криминалот и корупцијата. Додаваат дека преземањето одговорност во Министерството за правда од страна на Алијанса за Албанците, кое е предвидено со владината реконструкција, со право ќе создаде паника во редовите на криминалните партии
Одлуката од Стразбур е голема победа за надежта за правда во нашата земја и уште повеќе ја јакне нашата определба во битката против криминалот и неправдата.
Вака партијата Алијанса за Албанците (АА), која е на чекор до приклучувањето во владиното мнозинство, ја коментира одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), според која се отфрлаат жалбите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, за кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов прво донесе одлука да ги помилува, а потоа ја повлече одлуката.
Според Алијанса за Албанците, одлуката на Судот од Стразбур силно удира врз оние кои се надевале и се обидувале да се пазарат со правдата во интерес на криминалот и корупцијата. Додаваат оти јавноста треба да биде подготвена за реакција на структурите и поединците кои се погодени од оваа одлука и, како што велат, се загрозени од одлуката на Алијанса за Албанците за борба за правда.
Преземањето одговорност во Министерството за правда од страна на Алијанса за Албанците, кое е предвидено со владината реконструкција, според партијата, со право ќе создаде паника во редовите на криминалните партии.
„Преземањето одговорност во секторот за правда од страна на АА, без хипотеки на ВМРО, предупредувањето за спроведување на ветингот, формирањето на Бирото за конфискација на криминален имот и генерализацијата на заплената на криминалните имоти, со право создаде паника во редовите на криминализираните партии“,
се наведува во писменото соопштение на Алијанса за Албанците.
Од партијата додаваат дека структурите блиски до експремиерот Никола Груевски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го зголемат интензитетот на навреди, клевети и манипулации кон нив во последните обиди за спас, но, како што велат, и овој како и многу други обиди, ќе пропадне, а на крајот ќе победи правдата.
Одлуката од Стразбур беше поздравена од Владата и од претседателот Стево Пендаровски, кои сметаат дека таа е во корист на државата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, Судот во Стразбур не навлегол во суштината на апликациите поднесени од апликантите, туку само констатира преуранетост и неискористување на сите правни механизми во Македонија.
Од опозициската партија велат дека суштината и правдата по однос на овој случај еден ден ќе излезат на виделина, на власта ѝ порачаа да се загрижи за одлуката на Судот во Стразбур, наместо да прави дефокус во јавноста со тоа што ја слави одлуката на ЕСЧП.