Не значи дека тука е завршена целата работа. Едноставно треба да се откријат, да се стигне до докази кој се е инволвиран во целата работа, дури и формациски. Може да нема директно влијание или ингеренции во однос на случувањата меѓутоа дефинитивно понекогаш треба да се понесе одговорност и во формално-правна смисла. Не е исклучена можоста во иднина да биде разрешен и директорот на затворот, се разгледуваат сите опции. Сега е оваа фаза, вели министерот
Министерот за правда Никола Тупанчески вели дека понесувањето одговорност за бегството на затвореникот Беким Мемети не завршува со смената на директорот на Управата за извршување на санкции.
За тоа зошто е сменет директорот на Управата за извршување на санкции, а не е директорот на затворот „Идризово“, Тупанчески вели дека се разгледуваа сите варијанти кои би значеле одговорност по вертикална линија.
„Не значи дека тука е завршена целата работа. Едноставно треба да се откријат, да се стигне до докази кој се е инволвиран во целата работа, дури и формациски. Може да нема директно влијание или ингеренции во однос на случувањата меѓутоа дефинитивно понекогаш треба да се понесе одговорност и во формално-правна смисла. Не е исклучена можоста во иднина да биде разрешен и директорот на затворот, се разгледуваат сите опции. Сега е оваа фаза“,
додаде Тупанчески во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма..
За тоа дали досегашниот директор на Управата, Марјан Спасовски имал поголема одговорност од директорот на „Идризово“ Тупанчески рече дека не се работи за оценување на поголема или помала одговорност затоа што одговорноста би требало да биде по вертикална линија од првиот до последниот.
„Колкава е одговорноста, дали некој направил нешто ненамерно, намерно, со умисла или од небрежност тоа треба да го докаже истрагата. Се разбира дека во вакви ситуации понекогаш и ненамерните пропусти имаат сериозен импакт. Да не прејудицираме ништо, ќе видиме како ќе се движат работите натаму“,
нагласи Тупанчески.
Според Тупанчески в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ, кој денеска го назначи Владата, е човекот кој целата своја кариера ја посветил на односите кои се поврзани со затворската популација.
„Предложеното решение значи дека се работи за човек којшто, практично, целиот свој живот го посветил на затворската популација и години наназад, и декади, се занимавал со ова. Значи, каде и да се обратите ќе го слушнете ова. Јас многу верувам дека со именувањето на в.д ќе се доведеме во ситуација дека состојбите уште еднаш ќе бидат преиспитани какви се, затоа што да не заборавиме, не само укажувањата на јавните мислења, и укажувањата на меѓународните организации се мошне релевантни во однос на сузбивањето на сите негативни појави што се поврзани со оваа сфера“,
рече министерот Тупанчески во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма.