Хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин, кој е во посета на земјава со цел да направи воведни подготовки во пресрет на оценувачката мисија на ЕУ, денеска се сретна со вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска. На средбата, како што соопштија од Владата, правниот експерт истакнал дека оценувачката мисија во основа ќе биде поддршка за Северна Македонија во делот на детектирање на слабостите во правосудниот систем, во случајот на позиционираноста на Судскиот совет, што ќе биде добра основа за преземање на натамошни реформски чекори.
Грковска истакнала дека и покрај сите процеси на унапредување на регулативата и јакнење на капацитетите, нема знаци на унапредување на интегритетот кај дел од судиите, кој е предуслов за отпорност на правосудниот систем од сите форми на влијание.
„Судскиот совет, како една од најважните институции, кој треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и не може да одговори на задачите кои ги има пред себе“,
посочила Грковска на средбата со Хрватин.

Вицепремиерката Грковска информирала дека во рамките на досегашните активности на нејзиниот кабинет детектирани се одредени слабости, при што хрватскиот експерт Хрватин нагласил дека секој предлог кој се однесува на подобрување на состојбите во Судскиот совет, а произлегол од досегашното практично искуство ќе биде добредојден за анализата што треба да ја подготви експертскиот тим ангажиран од ЕУ.
„Двајцата соговорници се согласија дека уставно загарантираната независност на правосудниот систем е тесно поврзана со одговорноста, која во овој случај е голема и директно поврзана со интересите на граѓаните. Истовремено на состанокот беше заклучено дека транспарентноста е важен елемент во јакнењето на правосудниот систем, но и општеството воопшто“,
се наведува во соопштението од Владата.
Тимот контролори предводен од поранешниот врховен судија од Хрватска, Бранко Хрватин, веќе се сретна со членовите на Судскиот совет, но на состанокот не беше дозволено присуство на медиумите ниту беше соопштено што конкретно ќе ги интересира членовите на оценувачката мисија.
Според извори од судскиот совет, дел од медиумите пишуваат дека во сферата на интерес на „контролорите“ ќе биде неуспехот на Судскиот совет да донесе одлука за случајот со судијата Енвер Беџети и неговото неоправдано долго чување во фиока на предметот поврзан со масовното прислушување, наречен „Таргет-Тврдина“. Исто така, како што јавуваат медиумите, тие ќе бараат отчет и за начинот на кој беше разрешена доскорашната претседателка на Советот, за непроцесираните случаи за Рамиз Мерко, за влијанието на трети лица во судството, како тоа што САД го наведуваат за Орце Камчев, но и за злоупотребите во АКМИС, непотизмот при вработувањата во правосудните институции и случаите кои ги губела државата во спорови со физички лица кои резултирале со штети врз државниот буџет од десетици милиони евра.
Оценувачката мисија ја најави евроамбасадорот Дејвид Гир на почетокот на месецов по низата скандали во Судскиот совет. Тој појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.