Холанѓаните објавија нов речник создаден во време на коронакризата. Содржи повеќе од 700 зборови, а е направен по иницијатива на Тон ден Бон, главен уредник на стандардниот речник „Ван Дале“, објавила холандската телевизија NOS, а пренесува регионалната телевизиска мрежа N1.
Проценката на лингвистите е дека во стандардниот речник трајно можат да се додадат околу 70 нови кованици од зборови.
Така, меѓу новите зборови за кои ќе се смета дека ќе станат стандардни се „корона-криза“, „карантин-парти“, „корона-фриз“…
Во новиот корона-речник ја има и кованицата „корона-кашлач“ која се користи во негативна конотација односно за луѓето кои намерно кашлаат кон полицајците кога ги апсат.
Холанѓаните имаат и израз со кој се опишува чувството на лице кое одеднаш мора да кивне пред други, за кој израз еквивалент на македонски би бил „кивосрам“.
Неодамна и престижниот „Оксфордски речник“ на англиски јазик доби надградба и во неговата база беа внесени нови изрази настанати во текот на пандемијата, како „ковид-19“, „самоизолација“, „социјално дистанцирање“ и „израмнување на кривата“.