Ова е наша цел со години и понатаму останува да биде наша цел, порача денеска амбасадорот на Холандија во нашата земја, Дирк Јан Коп, откако земјава не доби датум за прва меѓувладина конференција со ЕУ
Јас сум тука за интересите на мојата држава, а интересот на мојата земја е стабилност и просперитет на Балканот и затоа неопходно е да сте, не само членка на НАТО, туку и членка на ЕУ. Ова е наша цел со години и понатаму останува да биде наша цел, порача денеска амбасадорот на Холандија во нашата земја, Дирк Јан Коп, откако земјава не доби датум за прва меѓувладина конференција со ЕУ.
Холандскиот амбасадор смета дека по локалните избори се променила политичката рамнотежа, но проблемите на македонското општество не се промениле.
„Важно е да продолжат реформите. Лани оваа земја стана членка на НАТО и по неколку години ќе стане членка на Европската Унија. Во таа насока проблеми по патот секогаш ќе има како што е сега проблемот со Бугарија. Тие проблеми ќе бидат решени. Ние секогаш сме подготвени да ви помогнете да ги решите. Меѓутоа, тоа што е важно да нема големи емотивни падови и искачувања, туку да се продолжи со работа. Бидејќи, спроведувањето на реформите е единствениот начин да се најдете на масата на ЕУ и да имате подеднакво право на глас“,
рече амбасадорот Коп
Тој денеска присуствуваше на настанот што го организираше Еколошкото друштво „Планетум“ во Струмица на кој се дискутираше за подобрување на квалитетот на животот во регионот и креирање одлуки од јавен интерес за животната средина.