Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп рече дека формално ќе побара од ЕУ „јасно да ѝ стави до знаење на грузиската влада дека патот што го избрала има цена“
Холандија ќе побара од Европската Унија да го суспендира безвизниот режим со Грузија, изјави денеска холандскиот министер за надворешни работи, откако повеќе од 300 лица беа уапсени за време на про-ЕУ протестите во таа земја, пишува Ројтерс. Демонстрантите во Грузија веќе една недела протестираат против одлуката на владата да ги прекине преговорите за влез во Унијата.

Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп рече дека формално ќе побара од ЕУ „јасно да ѝ стави до знаење на грузиската влада дека патот што го избрала има цена“. Велдкамп ова го изјави за новинарите пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Малта. Тој исто така рече дека ќе побара од ОБСЕ да ги истражи дејствијата на грузиската влада и нејзините постапки.
Грузијците во моментов можат да патуваат во земјите на ЕУ за кратки посети без потреба од виза.
Грузиските медиуми го цитираа Министерството за внатрешни работи дека повеќе од 300 лица се уапсени од почетокот на протестите поради одлуката на владата да ги прекине преговорите за пристапување во ЕУ. Грузискиот премиер Иракли Кобахиџе, кој ја предводи проруската партија Грузиски сон, ги обвини опозициските партии за поттикнување незадоволство.