ДИК на седницата вечерва прифати еден од двата приговори на ДУИ за Желино, општината во која кандидатот на Беса победи пред ривалот од ДУИ со само 69 гласа разлика, а сега може да дојде до прегласување
На избирачкото место на кое би се прегласувало се запишани 741 гласач, а во вториот круг гласале 340
Вториот приговор на ДУИ за Желино беше одбиен како неоснован
Генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство, Аријанит Хоџа, вечера преку социјалните мрежи упати порака дека Желино може да ја урне владата.
„Желино, место во кое се роди една партија (движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада“,
напиша Хоџа во кратката порака на Фејсбук.
Оваа порака од генералниот секретар на Беса доаѓа додека Државната изборна комисија (ДИК) вечерва на седница одлучува за приговорите поднесени од учесниците на изборите за гласањето во вториот круг од локалните избори. Меѓу приговорите, има и два од ДУИ кои се однесуваат на две избирачки места во Желино.
Еден од приговорите е за избирачкото место со број 2107, кој од ДУИ го поднеле по два основи: поради несовпаѓање на бројот на гласачи кои биле идентификувани со уредите со бројот на гласачи кои се потпишале во избирачкиот список и поради тоа што едно лице гласало со истечена лична карта. Овој приговор ДИК го прифати, што значи дека, според моменталната одлука, на ова избирачко место ќе има прегласување.
За приговорот што се однесува на избирачкото место 2107, ДИК одлучи со шест гласа „за“ од вкупно седум членови. Седмиот член бил Оливер Ристовски кој во моментот на гласањето не бил присутен. Меѓутоа, конечната одлука би можел да ја има и Управниот суд доколку за решението на ДИК се поднесе тужба.
Прегласување би имало затоа што – ако се земат предвид разликата во гласовите и бројот на гласачи во избирачкото место 2107, би можело да дојде и до пресврт на резултатот во оваа општина каде се соочија кандидатите токму на ДУИ и Беса.
Имено, во вториот круг победи кандидатот на Беса, Блејрим Сејди, со само 69 гласа повеќе од Фатмир Изаири од ДУИ. Сејди имаше 5 171, а Изаири 5 102. На избирачкото место 2107 има вкупно 741 гласач од кои во вториот круг гласале 340.
Вториот приговор кој го поднеле од ДУИ за Желино беше за избирачкото место 2108, а се однесува поради несовпаѓање на бројот на ливчиња во кутијата и потписи во избирачкиот список. Во кутијата имало 403 гласа, а во избирачкиот список биле потпишани 402 гласачи. Меѓутоа, околу ова членот на ДИК, Борис Кондарко рече дека гласачот, кој не е потпишан во избирачкиот список, на денот на гласањето поднел приговор за заштита на избирачкото право и е донесено решение од Општинската изборна комисија (ОИК) со кое му се дозволува да биде евидентиран и да го оствари правото на глас. Тој кажа дека гласачот врз основа на решението бил запишан во образец, во кој е направен увид и со тоа се побиени наводите на ДУИ дека не се совпаѓаат бројките на ливчиња и евидентирани гласачи.
„Ние го имавме во материјалот Решението, но не можевме да го најдеме посебниот образец кој е наменет за вакви случаи кога ќе биде уважен приговор за заштита на избирачко право и кога ОИК ќе даде дозвола да се запише граѓанинот во списокот и да му овозможи да гласа. Тој образец се приложува кон избирачкиот список, точно е дека тој образец го немавме тука во доверливиот материјал, но се јавивме телефонски и веднаш тие ни испратија фотографија и од решението и од посебниот образец. Со тоа, а и со доаѓањето на претставници на ОИК Желино овде на лице место кои ги донесоа сите решенија и обрасци, направивме увид и заклучокот е дека бројот на гласачки ливчиња во кутијата – 403, вклучувајќи го ова едно ливче плус за кое е евидентирано дека гласачот го остварил правото на глас врз основа на решение за заштита на избирачко право, се побиени наводите во приговорот и нема основ овој приговор да биде уважен“
рече Кондарко на седницата на ДИК.
За отфрлање на овој втор приговор на ДУИ за Желино како неоснован гласаа шест членови на ДИК, додека единствената која гласаше да се прифати приговорот беше потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, која е член на Комисијата како предлог на ДУИ.
Во актуелниот состав на ДИК, три членови се по предлог на СДСМ (Оливер Ристовски, Борис Кондарко и Радица Ристеска), два членови се по предлог на ВМРО-ДПМНЕ (претседателот Александар Даштевски и Бобан Стојаноски), еден од ДУИ (потпретседателката Дитмире Шеху) и еден од Алијанса за Албанците/Алтернатива (Кренар Лога).