На повиците за протестот и изнесените ставови на претставниците на верските заедници денеска реагираа и група невладини организации, според кои единствена цел на демонстрациите е да се направи јавен притисок кон повлекување на двата предлог-закони. Лажни и манипулативни се, нагласуваат, тврдењата дека двата предлог-закони се закана за македонската традиција, децата и семејствата или, пак, дека со нив се оспорува правото на религија и вероисповед
Хелсиншкиот комитет за човекови права објави низа препораки за припадниците на ЛГБТИ-заедницата бидејќи, како што велат оттаму, загрижени се за нивната безбедност за време на утрешниот протест што го организира МПЦ-ОА, како и за денот по него.
„Загрижени од енормниот раст на пријави на инциденти и вербални напади и закани како онлајн, така и во физичкиот простор во последните денови, а предизвикани од вжештената атмосфера околу дискусијата на верските институции поврзана со носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција, ви се обраќаме со апел и совет за ваша и наша лична безбедност и добросостојба“,
велат од Хелсиншки.
Првпат, додаваат, бараме во текот на утрешниот ден кога ќе се одржи протестот оваа група граѓани да бидат помалку видливи и тивки.
„Грижа за заедницата овој пат нè принудува на тоа. Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани“,
велат од Комитетот.
Меѓу препораките се ЛГБТ да не се движат на просторот каде што ќе се одржува протестот, да избегнуваат да носат обележја кои асоцираат на ЛГБТИ-заедницата, да се движат низ осветлени и фреквентни улици и простори…
„Секогаш имајте мобилен телефон при рака, за да во случај на каков било инцидент – веднаш да ја контактирате полицијата;
Во случаи на вербални напади и провокации, останете смирени и тивки и брзо упатете се кон место каде што има повеќе луѓе;
Во случаи на вербални напади во такси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријавете го возачот во такси-компанијата, а инцидентот до надлежните институции;
Во случај на напад или закани во автобуси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции;
Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ! Штом сте на безбедно веднаш пријавете“,
гласат другите препораки.
Оттаму објави и телефонски броеви на кои овие лица може да пријават вознемирување во Хелсиншкиот комитет со оглед дека оваа заедница ретко се решава да пријави во институциите. Телефонските броеви кои ги објави се: 02/3119073 (за периодот од 9 до 15 часот) и 078/734217 (после 15 часот).
Непосреден повод за утрешниот протест се предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција во кои МПЦ-ОА гледа загрозување на правото на вероисповед, редефинирање на целото општество и ограничување на слободата на говор.
На повиците за протестот и изнесените ставови на претставниците на верските заедници денеска реагираа и група невладини организации, според кои единствена цел на демонстрациите е да се направи јавен притисок кон повлекување на двата предлог-закони.
„Мешањето на Црквата во овие предлог-законски решенија со кои се продолжува вековната борба за еднаквост на жените во Македонија и се решаваат сегашните проблеми со неефективниот систем за унапредување на родовата еднаквост во земјава, не претставува ништо друго освен директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сè на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации. Граѓаните и граѓанките на нашата земја треба да знаат дека со донесувањето на овие закони ќе се подобрат граѓанските права и ќе се унапреди еднаквоста на жените и на родово маргинализираните групи на сограѓани. Тоа се наши граѓани и граѓанки кои, за жал и спротивно на општото уверување, сè уште не можат да ги остварат своите фундаментални права подеднакво како и мнозинството граѓани“,
реагираа од Платформата за родова еднаквост, Мрежата за заштита од дискриминација и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Лажни и манипулативни се, нагласуваат, тврдењата дека двата предлог-закони се закана за македонската традиција, децата и семејствата или пак дека со нив се оспорува правото на религија и вероисповед.
Според реакцијата на овие невладини организации, МПЦ не само што калкулира со статистичките податоци за бројот на верници во државата и дрско си ја самододелува улогата на нивни претставник за политички прашања, туку и манипулира со тврдења дека овие предлог-закони продолжувале „во скратена форма за сите собраниски филтри“. Вистината е, нагласува невладиниот сектор, дека Законот за матична евиденција е во редовна постапка, а оној за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура.
„Иако е често користена стратегија, сеењето на страв не носи никому ништо добро – напротив, ја засилува омразата и создава плодна почва за насилство. Наместо сите ние, како граѓани и граѓанки во оваа држава, да тежнееме кон градење на општество каде што сите ќе можат вистински да ги остваруваат своите права, со повикот за протест МПЦ дополнително го поларизира граѓанството, замижувајќи пред последиците што ваквите дејствија е многу веројатно да ги имаат по животите и безбедноста на жените и родово различните луѓе, како и пред борбата за подобар живот на жените и на сите маргинализирани групи“,
повикаа невладините.