Како особено дискутабилна, од Хелсиншкиот комитет за човекови права ја посочија изјавата на собранискиот спикер Африм Гаши кој претпладнево за дел од медиумите кажа дека не ги слушнал скандирањата за време на мечот што вчера го следеше од трибините, а од друга страна во објава на социјалните мрежи јавно им честита на навивачите нарекувајќи ги достоинствен пример за националните вредности
Повторно ниту еден од високите функционери присутни на натпреварот меѓу Шкендија и Карабах во Скопје не реагираше на навредувачките скандирања за време на мечот, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Здружението изрази сериозна загриженост и осуда за националистичкото и политизирано скандирање за време на фудбалскиот натпревар одигран вчера на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, три дена по кошаркарскиот натпревар во Куманово на кој, исто така, имаше националистички скандирања.
Од Хелсиншки велат дека и покрај апелите на јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините вчера повторно се слушнаа пораки кои придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвикаат и злосторства од омраза.
Како дополнително загрижувачки оттаму го посочија тоа што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група на ФК Шкендија туку и од дел од публиката во присуство на високи државни функционери.
„Присутни биле претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити министерот за економија, Бесар Дурмиши, како и партиските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари и повторно ниту еден од овие високи функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања“,
велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Како особено дискутабилна од здружението ја посочија изјавата на собранискиот спикер Африм Гаши кој претпладнево за дел од медиумите кажа дека не ги слушнал скандирањата за време на мечот што вчера го следеше од трибините, а од друга страна, во објава на социјалните мрежи јавно им честита на навивачите нарекувајќи ги достоинствен пример за националните вредности.
„Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говорот на омраза и политичко навивање на спортски терени. Осудата на говорот на омраза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“,
додаваат од Хелсиншки.
Оттаму апелираа МВР и надлежните институции соодветно да постапат, додавајќи дека селективната примена на законите, во зависност од етничката или политичката припадност на сторителите, е неприфатлива и дополнително ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Хелсиншкиот комитет за човекови права пред два дена реагираше и за навредливите скандирања на натпреварот меѓу Македонија и Романија во Куманово, изразувајќи загриженост дека присутните функционери на мечот, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски не реагирале за време на настанот.