Шокантни се сознанијата дека луѓето се изложени на крајно нехуман третман, што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници и додаваат дека во следниот период ќе спроведат мониторинг-посети во сите психијатриски установи во земјата
По вчерашните наводи за нехуманиот третман на 17-годишното момче со аутизам во Психијатриската болница во Демир Хисар, денеска со реакција излегоа и од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП), од каде што велат дека се згрозени од наводите.
Од Хелсиншкиот комитет и од Македонското здружение на млади правници велат дека ќе поднесат претставка до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го испита случајот во рамките на своите надлежности, а во следниот период ќе спроведат мониторинг-посети во сите психијатриски установи во земјата.
Во реакцијата се вели дека овие наводи, кои излегоа во јавноста, ја покажуваат крајно загрижувачката состојба во психијатриските болници, особено кога се работи за насилство и несоодветно и нехумано постапување кон пациентите.
„Шокантни се сознанијата дека луѓето се изложени на крајно нехуман третман, што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции“,
се вели во реакцијата од Хелсиншкиот комитет и МЗМП.
Оттаму велат дека нехуманото постапување и малтретирање на пациентите во болницата во Демир Хисар го има нотирано Европскиот комитет за спречување тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (CPT) во извештајот за Република Северна Македонија: „Комитетот мора да ја изрази својата сериозна загриженост за веродостојните наводи од пациенти на различни одделенија кои биле врзувани за кревет со метални синџири и катанци. Таква практика не е прифатлива и се смета за нечовечко и понижувачко постапување“.
Во реакцијата од Хелсиншкиот комитет и МЗМП се наведува дека и Народниот правобранител, во Извештајот за 2022 година, го потврдува нехуманото постапување.
„При посетата во една од работните простории на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација за коишто беше истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга просторија беше забележан и цврст, дебел кабел за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување спрема пациентите, тимот на Народниот правобранител истакна дека е потребно тие веднаш да се отстранат“,
се наведува во наодот во реакцијата од Хелсиншкиот комитет и МЗМП .
Од Хелсиншкиот комитет и МЗМП упатуваат апел до сите граѓани кои имаат сознанија за слични случаи на нехуман однос на институциите, да пријават и да добијат бесплатна правна помош.
И од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска најавија дека ќе извршат надзор врз медицинската документација на пациентот, иако сметаат дека болницата работи по своите протоколи.
Директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, во изјава за ТВ Канал 5 вели дека утре ќе се изврши редовен надзор и ќе се испита овој случај во однос на момчето кое беше хоспитализирано.
„Секако сметам дека психијатриската болница во Демир Хисар работи по своите протоколи во однос на овие пациенти кои се лекуваат таму. Ние како ДСЗИ не сме наоѓале на лице место за време на надзорот ниту кабли ниту сѐ она што е наведено во јавност“,
вели таа.
Денеска и Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за испитување на овој случај. Оттаму велат дека ќе бараат од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата, а ќе се побараат и соодветни информации за изнесените наоди на родителот преку медиумите за начинот на кој било третирано детето додека било сместено во установата.
Вчера, мајка на дете со аутизам во изјава за медиуми сведочеше оти нејзиниот 17-годишен син бил нехумано третиран во Психијатриската болница во Демир Хисар. За таквиот третман, како што изјави таа, сведочат раните и модриците по телото од синџирите со кои бил врзуван.
Од Психијатриската болница „Демир Хисар“ одговорија дека лекувањето е согласно медицина базирана на докази и дека во одредени ситуации е неопходно физичко ограничување на пациентите.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера рече дека нема ништо спорно во овие методи и вели дека се дел од протоколите за да им се даде терапија на пациентите.