За гаснење на пожарот, покрај полицискиот хеликоптер, вклучен е и „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и повеќе возила на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на ЈП „Комунална хигиена“

Хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи што беше упатен да помага во гаснењето на пожарот кај Визбегово е повлечен во базата, информираат оттаму.
Причина за повлекувањето на хеликоптерот е засилениот ветер и густиот чад.
Пред да биде повлечен, хеликоптерот извршил неколку фрлања на вода.
За гаснење на пожарот, покрај полицискиот хеликоптер, вклучен е и „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и повеќе возила на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на ЈП „Комунална хигиена“.
Пред да биде интервенирано од страна на ДЗС и МВР, локалното население со помош на камиони и багери го расчистуваа околниот отпад од старо железо и гуми кој сѐ уште не беше зафатен од пожарот, по што полицијата целосно го забрани пристапот до местото.
Пожарот беше пријавен во СВР Скопје утринава во 9:16 часот. Тој настана на отпад за старо железо.
Во пожарот горат хаварисани возила, на кои имало монтирани плински уреди и од кои на терен се слушаат детонации.
Досега не се зафатени околните куќи.
При гаснење на пожарот е повредено едно лице, кое веднаш е пренесено на укажување лекарска помош.
Од МВР рекоа дека е приведено лицето кое е сопственик на отпадот.