„360 степени“ праша дали е посетена фабриката „Џојсон сејфти системс“ од каде што ни испратија фотографија на која се гледаат стотици лица без заштитна опрема
Директорот на Државен инспекторат за труд Аљадин Хавзиу денеска информира дека се посетени сите поголеми производители во земјава и донесени се неколку решенија и укажувања за дел од нив. Тој уште еднаш ги повика граѓаните да ги пријавуваат сите непочитувања, со цел побрзо реагирање од страна на инспекторите.
Луѓето што работат во фабриките се жалат дека немаат никаква заштитна опрема за време на работењето, работат на линија едни до други и без да се почитува препораката за растојание.
На прашањето од „360 степени“, упатено во електронска форма до директорот на Државниот инспекторат за труд, дали имаат извршено проверки за почитување на препораките за заштита во фабриките во кои има по стотици луѓе во смена како „Џојсон сејфти системс“, „Дрекселмајер“, но и во текстилните фабрики, тој одговори дека се посетени сите поголеми производители и имаат укажување за мерките од Владата.
„Во Кичево е извршен надзор пред два дена, и донесено е решение и треба да постапат по решението. Денеска имаме информација дека истата фабрика (Џојсон сејфти системс) се води според препораките на Владата. Секој автобус каде што се врши превоз на смени, кога излегуваат луѓе, се дезинфицира. На сите во смена им се мери температура на влез, сите се задолжени да бидат со маски и со ракавици. Самиот работодавач кажа дека има порачано 50 илјади маски за наредниот период. Се следат секојдневно, да не речам секој час овие наводи“,
одговори Хавзиу.
Бидејќи овие фабрики се лоцирани во внатрешноста на земјава, каде што се случува и двајца родители на дете до 10 години да работат во истата фабрика, од Инспекцискиот совет велат дека ќе постапат по секоја пријава за непочитување на оваа мерка.
Директорот Хавзиу ги повика сите граѓани и вработените, кои се спречени од работодавачите да го користат ова право, да го известат Државниот инспекторат за труд преку кол-центарот 151-13, на телефонската линија 02/ 3224 – 504, како и на електронските адреси prijavi@dit.gov.mk и poplaki@dit.gov.mk.
„Имаме дежурни инспектори и по еден административец секој работен ден во секоја подрачна единица и се замолуваат граѓаните да пријавуваат. Не можеме цело време сè да надгледуваме. Но, ги замолувам да се јават кај нас. Препораките се многу јасни од Владата, секаде каде што не се почитуваат цеднаш да се јават во подрачната единица на трудова инспекција. Имаме 32 подрачни единици и сите броеви на нашите инспектори се истакнати на нашата веб-страница и во најбрз можен миг нашите инспектори ќе бидат на терен“,
додаде Хавзиу.
Државниот инспекторат за труд од 16 до 18 март реализираше вкупно 573 контроли, 31 акт, односно 5 решенија и 26 укажувања за непостапување по препораките на Владата, а најголем дел се однесуваат на ослободувањето на родителите да бидат дома со своите деца.
„Инспекциските служби продолжуваат интензивно со работа на терен, искористувајќи ги максимално своите капацитети, со цел да обезбедиме целосно спроведување и почитување на мерките на Владата. Секој што нема да се придржува до владините мерки ќе биде санкциониран, без исклучок. Овие мерки се донесени во интерес на сите нас, за заштита на јавното здравје, за заштита на животот на сите граѓани и истите мора да ги почитуваат“,
рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филипоска-Грашкоска.