На прашањето дали трудовиот инспекторат ќе ги испита и санкционира фирмите кои им дале на вработените принудни отказни решенија поради кризата со коронавирусот, првиот човек на државниот инспекторат за труд, Аљајдин Хавзиу, уверува дека ќе се направат контроли, но доколку нема законски прекршувања во прекинот на работниот однос, како што вели, нема основа како да побараат луѓето да бидат вратени на работа.
„Сакам да напоменам дека државниот инспекторат за труд нема магично стапче да ги врати луѓето назад на работа. Инспекторатот ја проверува постапката за отказното решение, ако е согласно законот ништо не можеме, но ако има повреди на законот за работни односи, тогаш ќе постапуваме. А за да може да постапуваме апелирам граѓаните да пријавуваат“,
порача на прес-конференција Хавзиу.
Според последните информации објавени на страницата на трудовиот инспекторат, до крајот на март стигнале околу 1 454 пријави од граѓани.
Од нив, 194 се однесуваат за непочитување на правото на платено отсуство на родител до 10 години, 148 пријави се за отказни решенија, додека останатите 282 пријави се по различни основи за прекршувања на правата на работникот согласно Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа.
Прекршувањето на работничките права може да се пријавува на интернет страницата poplaki@dit.gov.mk и телефонските броеви 3296 – 310 и 3116 -110.