Апликацијата кој ќе биде наменета за „ковид-пропусница“ со што ќе се овозможи граѓаните и во електронска форма да ги имаат потребните документи (доказ за вакцинација, за антитела или ПЦР-тест), сè уште не е пуштена, но хартиените документи се сосема доволни за влез во Грција, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Денеска требаше, но го одложивме за утре состанокот за апликацијата. Тоа се луѓе од системот ’Мој термин‘ кои практично работат на една варијанта, модул, да се надгради и тие податоци после да може да се преземат од апликацијата. Меѓутоа, граѓаните треба да знаат дека тоа не е никаков ограничувачки фактор, и сегашните документи се сосема доволни за влез. Тоа е само една дополнителна алатка, при што европските земји ја шират мрежата на институции кои даваат соодветни документи и тоа е суштината на таа апликација. Сите наши лаборатории кои се акредитирани, се практично прифатени. Меѓутоа и самите хартиени документи и ПЦР-тестовите се сосема доволни за влез во Грција“,
рече Филипче.
Како што беше најавувано од претходно, преку апликацијата која се подготвува, граѓаните ќе може да го скенираат кју-ар кодот од потврдата за вакцинација или од ПЦР или тестот за антитела и ќе може да го преземат во електронска форма.
