Банкрот ќе доведе до нефункционални институции, уште полоши услуги за граѓаните и штрајкови и протести на градската администрација, велат од СДСМ нагласувајќи дека се исполнети сите услови Трајко Славески како претседател на Советот мора да ја закаже седницата

Хаосот во Град Скопје кулминира, а жителите со право се лути и разочарани затоа ВМРО-ДПМНЕ која го има претседателското место и мнозинството во Советот да закаже вонредна седница.
Со вакво барање денеска излегоа од СДСМ нагласувајќи дека градот се наоѓа и пред банкрот.
„Се потрошија над 100 милиони евра народни пари и денес, Скопје е со блокирана сметка и е пред банкрот а ВМРО-ДПМНЕ мува не ги лази поради таквата состојба. И ова не е најстрашното што може да му се случи на Скопје, ако дојде до банкрот тоа ќе значи целосен распад на системот на Градот. Банкрот ќе доведе до нефункционални институции, уште полоши услуги за граѓаните и штрајкови и протести на градската администрација. Советот на Град Скопје мора да одржи вонредна седница на која ќе се расправа за актуелната финансиска состојба на градот“,
рече денеска советничката од СДСМ во градското собрание, Лилјана Божиновска.
Сите предуслови за одржување на вонредна седница, смета СДСМ, се исполнети и Трајко Славески како претседател на Советот мора да ја закаже седницата.
Покрај за финансиската состојба на Градот, изминатите денови советниците во јавноста излегоа и со барања за седница посветена на сообраќајниот хаос во Скопје што дополнително се зголеми по пожарот што го зафати мостот „Беласица“ поради што оваа сообраќајница беше затворена и се чекаат извештаите за да се знае колку време ќе трае санацијата.
За разлика од советниците, градоначалничката Данела Арсовска, пак, во јавните настапи и изјави дадени изминатиов период тврди дека Градот не е пред банкрот и оти се наоѓа во консолидирана финансиска состојба.