Според израелската спасувачка служба, во новата рунда ракети истрелани од милитантите од Газа извршени се директни удари врз повеќе локации во Израел, вклучително и во Тел Авив

Вооруженото крило на Хамас, бригадите „Изедин ал Касам“, соопшти дека вечерва истрелало 150 проектили кон Тел Авив.
Во објава на мрежата Телеграм тие велат дека истрелувањето на проектилите е одговор на бомбардирањето на станбената висококатница во центарот на градот Газа од страна на израелската армија.
„Сега, кога ја бомбардираа палестинската кула среде градот Газа, Тел Авив мора да застане на едната нога и да го чека нашиот одговор“,
вели на Телеграм Абу Обаида, портпарол на бригадите „Изедин ал Касам“.
Според израелската спасувачка служба, во новата рунда ракети истрелани од милитантите од Газа извршени се директни удари врз повеќе локации во Израел, вклучително и во Тел Авив.
„Следејќи ги црвените сирени за тревога во последните неколку минути, тимовите на израелската спасувачка служба се упатени во области каде што се пријавени ракетни напади“,
соопшти вечерва организацијата.
Како погодени области се наведени Тел Авив, Ришон Лецион и Бат Јам. Поголемиот дел од итни повици се фокусирани на областа Бат Јам.
Спасувачките тимови, велат од израелската спасувачка служба, интервенираат во погодените делови и информираат за повредени и жртви во областите Јавне, Гиватајм, Бат Јам, Беит Даган, Тел Авив и Ришон Лецион.
Новинарите на Си-ен-ен, кои се во Тел Авив, пренесоа дека во градот се слушнале сирени и повеќе од десет силни експлозии.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари соопшти дека акциите се одвиваат на 22 места и оти нема место во јужен Израел каде што немаат сили.
„Има села што се исчистени од терористи, но сакаме да завршиме дополнително истражување на областа пред да го објавиме тоа“,
додаде Хагари.
Тој исто така рече дека имало заложнички ситуации во местата Офаким и Беери.
„Таму има специјални сили со високи команданти и сè уште има престрелки. Ние сме во војна“,
додаде тој.
Претходно израелската армија соопшти дека извршила воздушни напади врз две високи згради во Појасот Газа кои ги користел исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со палестинската територија и дека тоа е дел од одмаздничките напади на Израел.
По ова Хамас се закани дека ќе истрела ракети кон Тел Авив како одмазда.