Изјавата на Хамас ја става израелската влада во тешка позиција бидејќи Израел смета дека најдобриот начин за ослободување на заложниците е да се изврши воен притисок врз Хамас и да се организираат спасувачки операции
Хамас, милитантната група која го контролира Појасот Газа, вели дека нема да има дополнително ослободување на заложниците додека Израел не се согласи на целосен прекин на агресијата, пренесува Би-би-си.
Израел соопшти дека убил повеќе од 2 000 борци на Хамас во Газа по прекинот на огнот со кој беа ослободени повеќе од 100 заложници. Се верува дека околу 120 луѓе киднапирани на 7 октомври сè уште се во заробеништво во Газа.
Во меѓувреме, продолжуваат напорите во Обединетите нации да се донесе резолуција за војната.
САД рекоа дека сè уште имаат сериозна загриженост за нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, а гласањето сега е одложено до петок.
Овомесечниот еднонеделен прекин на огнот донесе и зголемен проток на помош во Газа, каде што ОН предупредија дека населението е во опасност од глад доколку продолжи војната меѓу Израел и Хамас. Преговорите за ново примирје се одвиваат во Каиро, Египет, иако првичните разговори во средата не доведоа до договор.
„Постои палестинска национална одлука дека нема да има разговори за затвореници или договори за размена, освен по целосен прекин на агресијата“,
се вели во соопштението на Хамас, пренесе Би-би-си.
Не е јасно на кои други палестински фракции се однесува изјавата. „Исламски џихад“, помала група во Појасот Газа, е една од оние кои исто така се познати дека држат израелски заложници.
Изјавата на Хамас ја става израелската влада во тешка позиција бидејќи Израел смета дека најдобриот начин за ослободување на заложниците е да се изврши воен притисок врз Хамас и да се организираат спасувачки операции.
Сепак, досега овој пристап не функционираше. Само еден заложник во ваква акција на Израел е спасен, а тоа е Ори Мегидиш. Исто така, Израел е под притисок на семејствата на заложниците, а дел од нив сметаат дека израелската стратегија не функционира.
Хамас врши притисок врз Израел целосно да ја прекине војната, но без никаква гаранција дека групата ќе престане со своите вооружени акции. Затоа, израелската влада не сака да престане да се бори додека не почувствува дека целосно ја деградирала способноста на Хамас, а тоа сè уште не го сторила.
Ова ќе биде огромно разочарување за луѓето од Газа, кои очајно сакаат оваа војна да престане.
Израелскиот извештај за убиството на 2 000 членови на Хамас во Газа овој месец дојде еден ден откако Министерството за здравство на територијата под контрола на Хамас процени дека вкупниот број на загинати таму од 7 октомври надминал 20 000. Тие наведуваат дека од таа бројка 8 000 се деца, а 6 200 се жени.
Кога Хамас и неговите сојузници го нападнаа Израел на 7 октомври, тие убија 1 200 луѓе.