Хамас во соопштението наведува дека целта на разговорите е да се постигне договор што обезбедува помош за народот во Газа и става крај на хуманитарната катастрофа, што на крајот би довело до траен прекин на огнот и целосно повлекување на окупаторските сили
Палестинската милитантна група Хамас синоќа објави дека е подготвена за индиректни преговори со Израел за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Хамас објави дека е подготвен веднаш да започне рунда индиректни преговори за постигнување договор за спорните точки, објави „Тајмс оф Израел“.
Во соопштението, Хамас наведува дека целта на разговорите е да се постигне договор што обезбедува помош за народот во Газа и става крај на хуманитарната катастрофа, што на крајот би довело до траен прекин на огнот и целосно повлекување на окупаторските сили.
Хамас не соопшти дали го повлекол ажурираниот предлог што го достави во саботата до специјалниот пратеник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој го нарече тотално неприфатлив.
Израел го прифати планот на Виткоф, додека Хамас претходно изјави дека тој не ги исполнува основните барања, вклучително и прекин на војната.
Израел претходно го повика палестинското исламистичко движење Хамас да го прифати предлогот на Соединетите Американски Држави (САД) за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците или ќе биде „збришан“.
Израелската армија неодамна ги интензивираше воените операции во Газа со цел да ја преземе контролата врз целата палестинска територија и да ги ослободи преостанатите заложници што сè уште се држат таму.