Повеќе заложници требаше да бидат ослободени в сабота во замена за палестински затвореници, што е дел од договорот за прекин на огнот, што стапи во сила на 19 јануари годинава
Палестинската група Хамас денеска соопшти дека ќе го одложи ослободувањето на израелските заложници закажано за в сабота, зашто Израел ги прекршил условите од договорот за прекин на огнот, објави нивниот портпарол Абу Обеида, пренесува Си-ен-ен.
Според него, ослободувањето на заложниците ќе биде „одложено до понатамошно известување, додека окупаторот ретроактивно не ги преземе и исполни обврските од договорот“.
Повеќе заложници требаше да бидат ослободени в сабота во замена за палестински затвореници, што е дел од договорот за прекин на огнот, што стапи во сила на 19 јануари годинава.
Претставникот на Хамас рече дека Израел го одложи враќањето на раселените жители на Појасот Газа на север од енклавата и отворил оган врз нив, а исто така го попречил протоколот на хуманитарна помош во Газа.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац, пак, рече дека доцнењето на ослободувањето на заложниците е целосно кршење на договорот за прекин на огнот.
Пред два дена Хамас ослободи тројца израелски заложници, а во замена Израел ослободи 183 палестински затвореници, од кои 18 отслужуваа доживотни затворски казни.
Досега Хамас ослободи 18 заложници, а од израелските затвори се пуштени повеќе од 550 Палестинци.