Ненси Пелоси која беше лидер на демократите во последните 20 години во Конгресот му честиташе на триото кое ќе ја предводи партијата во Претставничкиот дом и рече дека „новата генерација лидери ја одразува живоста и различноста“ на американската нација, додавајќи дека тие ќе донесат „нова енергија, идеи и перспектива“
Демократите во Претставничкиот дом на САД за свој лидер едногласно го избраа конгресменот Хаким Џефрис, првиот Афроамериканец кој предводи една од двете големи партии во Конгресот.
Одлуката на демократите го означува и подемот на помладата генерација лидери во Претставничкиот дом од 435 членови и крајот на ерата на Ненси Пелоси (82), која стана првата жена што го предводи Домот во 2007 година.

Џефрис (52) од Њујорк ќе ја преземе функцијата на лидер на демократите во 118. Претставнички дом на 3 јануари.
„Подемот на Хаким Џефрис на челната позиција на демократите во Претставничкиот дом е пресвртница во историјата на САД“,
изјави лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер непосредно пред објавувањето на резултатите.
Кога официјално ја објави својата кандидатура на 18 ноември, по десет години минати во Претставничкиот дом, Џефрис вети дека на помладите членови на парламентот ќе им се даде повеќе простор во обликувањето на законите.
„Можностите за значајно креирање политики и јавен ангажман треба да бидат праведно распределени без оглед на годините на службата“,
напиша Џефрис во писмото до колегите демократи.
Во најблискиот тим на Џефрис се пратениците Кетрин Кларк (59) и Пит Агилар (43).
Пелоси му честиташе на триото и рече дека „новата генерација лидери ја одразува живоста и различноста“ на американската нација, додавајќи дека тие ќе донесат „нова енергија, идеи и перспектива“.
Новата „тројка“ демократи ќе ги замени Пелоси, лидерот на демократското мнозинство Стини Хојер и Џејмс Клајбурн, бидејќи лидерите кои се во 80-ите години ќе го отстапат местото на помладата генерација.
Ненси Пелоси беше лидер на демократите во последните 20 години, а нејзините колеги синоќа и ја доделија титулата „почесен претседавач“.
По среднорочните избори во САД, демократите ја загубија контролата над Претставничкиот дом.