Да ги убедиме младите дека треба да ја изградат иднината во својата земја, нашите судбини се поврзани, не само по географијата, туку и по изборот, ги делиме истите вредности, рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, на конференцијата „Младите луѓе, миграцијата и демографските предизвици на Западниот Балкан“.
Тој посебно се осврна и за ситуацијата на младите во С Македонија и нагласи дека потребно е да се уверат дека иднината може да се изгради дома.
„Кога разговарав со една млада жена во Скопје за време на едно од моите патувања, таа ми рече ‘Луѓето во овој регион се караат за минатото, наместо да гледаат кон иднината. А оние кои веруваат во иднината, си заминуваат’. Ова е тоа што треба да го промениме. Нашата иднина е заедничка“,
рече Маас.
Тој додаде дека Европската унија ја отвори вратата за пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија и рече дека пред крајот на германското претседателство се очекува да се случи и првата меѓувладина конференција со С Македонија, а ако дозволат условите, исто така, и со Албанија.
„За некој како мене, кој пораснал во регионот Зарланд, што постојано преминувал помеѓу Франција и Германија, ова е силен потсетник за тоа колку можат да бидат арбитрарни категориите како што се ‘татковина’ или ‘националност’. Особено ако ги поврземе со местото на раѓање. Но емиграцијата од Западниот Балкан нема само економски причини, според неодамнешната студија на Фондацијата Фридрих Еберт. Многу млади луѓе исто така укажуваат на недостатоците во образовниот, здравствениот и социјалниот систем, на недостатокот од вработување засновано врз заслуги и на корупцијата. Малцинствата се соочуваат со дополнителни потешкотии. Многу млади Роми, на пример, страдаат од дискриминација“,
додаде тој.
Смета дека основата за успешните инвестиции се реформите кои треба да ги спроведат владите, со цел намалување на корупцијата и бирократијата.
„Неодамнешните извештаи на Европската комисија за земјите покажуваат многу јасно каде е потребно повеќе да се дејствува. Правната држава и доброто владеење остануваат врвни приоритети. Не само затоа што Европската Унија ги бара, туку затоа што се во интерес на вашите граѓани и вашите претпријатија. Во сето ова, ние сме покрај вас“,
рече Маас.
Тој изрази надеж дека на годинешниот Самит на Берлинскиот процес, на кој домаќини се С Македонија и Бугарија, дека Западниот Балкан ќе ја започне следната фаза на Регионалната економска зона со што би се забрзал економскиот раст.
„Во 2001 година пред да стапат во Унијата, 75 проценти млади Романци сакаа да заминат од својата земја. Денес, две третини сакаат да останат. И се надеваме да го видиме истиот развој на Западниот Балкан. За да се постигне оваа цел, презедовме важни чекори оваа година за да ја забрзаме европската интеграција: На Самитот во Загреб во мај, ЕУ и Западниот Балкан повторно ги изразија заложбите за проширувањето и потребните реформи“,
рече Маас.