За тоа дали се можни злоупотреби со инвертер-климите, Божиновска рече дека се надева оти ваучерите за климите за што министерството дава субвенција ќе се искористат правилно и ќе бидат инсталирани во домовите на социјално ранливите категории граѓани, но и наменети за енергетска ефикасност
Од утрово пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје стотици граѓани чекаат ред за да ги подигнат ваучерите за инвертер-клими што ги доделува Министерството за енергетика. Колоните се протегаат од влезот на салата, вдолж платото, па сè до паркингот.
Ваучерите ќе можат да се подигнат до крајот на месецот во просториите на ресорното министерство, како што денеска соопшти министерката за енергетика Сања Божиновска при посетата на пунктот во спортската сала во Скопје.
„На 21 октомври ги добивме списоците, што значи дека ние само го спроведуваме процесот на подигање на ваучерите. Денеска на 30 места ќе се доделуваат ваучерите. Во Скопје и Битола се доделуваат во спортските сали, а во другите градови во Центрите за вработување. До 30 ноември ваучерите ќе можат да се подигнат и во просториите на министерството. Се надеваме дека дотогаш сите граѓани ќе ги добијат ваучерите и ќе можат да ги искористат, односно да купат инвертер-клими до крајот на месецот “,
рече таа.
Посочи дека рокот за купување на уредите можеби би можел и да се продолжи, а тоа ќе зависи од бројот на искористени ваучери.
На прашањето зошто ваучерите не се ипраќаат по пошта, бидејќи граѓаните треба да ги подигнат во текот на работното време, Божиновска посочи дека тоа не може да се спроведе, оти покрај подигањето на ваучерот, треба и да се потпише договорот.
„Процесот по Пошта е малку подолг и тие договори треба да се вратат назад. Затоа сметавме дека ова е покорисно и поефикасно. Секако рокот е до крајот на месецот, не мора тоа да се прави за работното време. И во министерството ќе имаме повеќе вработени задолжени за ова. Овозможивме на 30 места низ државата да се делат ваучерите, нема да мора сите во Скопје да доаѓаат“,
вели Божиновска.
Според неа, нема рок кога купените клими да се инсталираат. Рокот за да се купат, како што рече, е до крајот на месецот.
За тоа дали се можни злоупотреби со инвертер-климите, Божиновска рече дека се надева оти ваучерите за климите за кои министерството дава субвенција ќе се искористат правилно и ќе бидат инсталирани во домовите на социјално ранливите категории граѓани, но и наменети за енергетска ефикасност.
„Ако некој прави нешто спротивно на законот, тогаш ќе биде санкциониран“,
рече таа.
За да ги добијат овие ваучери, граѓаните аплицираа во февруари годинава. На повикот пристигнаа 18 805 барања за двата јавни повика. На огласот што не е за ранливи потрошувачи, односно за енергетска ефикасност се доставија 14 500 барања, а за огласот за ранливи потрошувачи 4 305 баратели.
За проектот се обезбедени 155 милиони денари, односно пари има за 6 182 ваучери.
За финансиска поддршка за ранливи категории потрошувачи предвидени се ваучери од 27 000 денари за лица со ниски примања. За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30 000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45 000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот Регион се предвидени ваучери од 25 000 денари, а за останатите региони – по 23 000 денари.