Генералниот секретар на ОН ѝ предложи на Москва да го продолжи договорот со дневен лимит од четири бродови кои патуваат кон Украина и четири бродови кои заминуваат, а за возврат филијалата на руската земјоделска банка „Роселхозбанк“ (Rosselkhozbank) да биде поврзана со глобалниот систем за плаќање SWIFT
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска ја повика Русија да се врати на договорот што овозможува безбеден извоз на украинско жито преку рутите низ Црното Море, во согласност со предлогот што тој му го дал на рускиот претседател Владимир Путин, јавува Ројтерс, а пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

За потсетување, Москва го напушти Договорот пред седум дена, тврдејќи дека нејзините барања за подобри услови за извоз на руска храна и вештачки ѓубрива не се исполнети. Дополнително, како уште една причина што ја наведе официјален Кремљ беше и тоа дека недоволно украинско жито стигнало до најсиромашните земји, како што е предвидено со договорот.
„Со раскинувањето на Црноморската иницијатива, најранливите ќе платат највисока цена“,
рече Гутереш денеска во Рим, на самитот на Обединетите нации посветен на системите за храна, пренесува Ројтерс.
Откако Русија се откажа од Иницијативата за безбеден извоз на жито и почна да ги напаѓа украинските пристаништа за извоз на храна на Црното Море и реката Дунав, цената на пченицата и пченката вртоглаво порасна на светско ниво.
Во обид да го спаси договорот, генералниот секретар на ОН на 11 јули, шест дена пред Русија да ја донесе одлуката, му пиша на рускиот претседател Владимир Путин давајќи конкретни предлози.
Тој предложи Москва да го продолжи договорот со дневен лимит од четири бродови кои патуваат кон Украина и четири бродови кои заминуваат, а за возврат филијалата на руската земјоделска банка „Роселхозбанк“ (Rosselkhozbank) да биде поврзана со глобалниот систем за плаќање SWIFT.
Но и покрај тоа, Русија на 17 јули се повлече од договорот за извоз на украинското жито, кој беше постигнат со посредство на Обединетите нации (ОН) и Турција.
Истиот ден, осуда за одлуката на Москва стигна од Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија, а украинскиот претседател Володимир Зеленски по тој повод рече дека Киев е подготвен да продолжи со извоз на своето жито преку Црното Море и покрај одлуката на Москва за раскинување на Договорот.
Обединетите нации и Турција во јули минатата година посредуваа во договорот меѓу двете завојувани страни (Русија и Украина), со кој ѝ беше овозможено на Украина, која е една од клучните житници во светот, да испорачува храна и ѓубрива од трите нејзини пристаништа на Црното Море. Како дел од договорот беше формиран заеднички координативен центар за проверка на бродовите и следење на нивната пловидба.
Потпишан во јули 2022 година во Истанбул, договорот веќе двапати беше обновен.
Кон средината на мај Москва се согласи да го продолжи договорот за два месеци и тој важеше до денеска.
Договорот овозможи 33 милиони тони жито да се извезат преку украинските пристаништа минатата година и покрај конфликтот.
Во април годинава, Полска, Унгарија и Словачка донесоа одлуки за привремено прекинување на увозот на жито и други земјоделски култури од Украина поради стравувања дека презаситеноста со овие култури ги намалува цените и ja загрозува продажбата од страна на локалните земјоделци.
Инаку, Украина и Русија се водечки извозници на жито во светот.