Говорејќи на Форумот во Доха, Гутереш рече дека Советот за безбедност на ОН е парализиран од геостратегиските поделби кои ја загрозуваат неговата способност да најде решение за војната во Појасот Газа
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази жалење за парализирањето на Светската организација во услови на војна меѓу Израел и милитантната група Хамас во Појасот Газа. Говорејќи на Форумот во Доха, Катар, Гутереш рече дека Советот за безбедност на ОН е парализиран од геостратегиските поделби кои ја загрозуваат неговата способност да најде решение за војната.
„Авторитетот и кредибилитетот на Советот за безбедност се сериозно компромитирани поради доцниот одговор на конфликтот и штетата направена врз неговиот углед со ветото на САД на резолуцијата со која се бара прекин на огнот во Газа“,
рече Гутереш.
Нацрт-резолуцијата беше подготвена откако генералниот секретар се повика на членот 99 од Повелбата на ОН, првпат откако е на чело на светската организација, што му овозможува да го привлече вниманието на Советот за безбедност на прашање кое може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност.
„Го повторив повикот да се прогласи хуманитарен прекин на огнот, за жал, Советот за безбедност не успеа да го стори тоа. Можам да ви ветам дека нема да се откажам“,
рече Гутереш.
Во меѓувреме, американскиот информативен портал „Политико“ објави дека американската влада му дала рок на Израел до крајот на оваа година да ги запре нападите врз Газа.
„Политико“ пишува дека администрацијата на Џо Бајден му дала рок на Израел до крајот на годината и дека овој рок го истакнал и американскиот државен секретар Антони Блинкен при неговата посета на Тел Авив на 30 ноември.