„По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка – престанок на работниот однос“, велат од Генералштабот

Откако Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишен професионален војник на Армијата на Република Северна Македонија кој е осомничен дека снабдил двајца затвореници со десет мобилни телефони додека извршувал службена должност во скопскиот затвор „Идризово“, од Генералштабот информираат дека се преземени сите потребни мерки кои се согласно законските регулативи.
„По евидентирање на случајот по хиерархијата на известување, од страна на началникот на Генералштабот веднаш е издадена наредба и дадени се конкретни задачи за преземање на сите пропишани законски дејствија и отпочнување на постапка за спроведување на соодветни дисциплински мерки“,
информираат од Генералштабот.
Оттаму наведуваат дека согласно процедурите, надлежните служби за безбедност во Армијата и воената полиција се во непосредна координација и соработуваат со јавното обвинителство и надлежните истражни органи во МВР.
„По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка – престанок на работниот однос“,
додаваат од Генералштабот.
Од Генералштабот најостро ги осудуваат појавите за каков било облик на недозволени или криминални однесувања кои се далеку од начинот на однесување на припадниците на Армијата, со кои се нарушува угледот на Армијата и секогаш бескомпромисно ќе настојува овие припадници да бидат најстрого санкционирани согласно законските регулативи, стои во соопштението.
Од Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопштија дека е поведена постапка против 23-годишен професионален војник на Армијата на Република Северна Македонија кој е осомничен дека снабдил двајца затвореници со десет мобилни телефони додека извршувал службена должност во скопскиот затвор „Идризово“. Тој се товари за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Настанот според Обвинителството се случил вчера додека војникот поради прогласена кризна состојба на подрачјето на затворот бил ангажиран како надворешно обезбедување на стражарната кула на оградниот ѕид на објектот.
Осомничениот војник, како што се наведува во кусиот опис на настанот, откако претходно ги сокрил мобилните телефони во тактичкиот елек од униформата, го напуштил стражарното место и застанал до ѕидот од кабината, каде од другата страна го чекале затворениците. Од местото, војникот преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони на осудениците.
Според Обвинителството, осомничениот војник знаел дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и дека го чекаат.
Поради опасност од бегство и повторување на делото, јавниот обвинител кој постапува во случајот доставил предлог на осомничениот војник да му биде определена мерка притвор.