Грузиската православна црква за вечерва планира одржување богослужби за Велигден и покрај тоа што во земјата од петокот стапи на сила петдневна забрана за движење на територијата на цела држава.
За да се избегне кршењето на полицискиот час, од црквата најавија дека верниците ќе можат да останат во црквите од 21 часот вечерва до 6 часот утре наутро.
Властите и црквата во последен момент постигнаа договор да се дозволи одржување на велигденски церемонии, но со извесни мерки на претпазливост за да се заштитат верниците од ковид-19, како на пример: социјално дистанцирање, полициско присуство и забрана за масовни посети на гробишта.
„Во големите цркви, за време на службата, мора да се одржи оддалеченост од два метра, а во малите цркви ќе служи само свештенството. Секоја црква ќе има мобилни полициски патроли за следење на полицискиот час и социјалната оддалеченост”,
соопштија од владата, со напомена дека граѓаните мора да го почитуваат полицискиот час, бидејќи во спротивно ќе бидат преземени мерки.
Владата инсистираше дека земјата влегува во критична фаза на пренесување на вирусот и апелира до верниците, сепак, да останат дома.
Но, Грузиската православна црква одби да ги послуша овие препораки, па црквите ширум цела држава останаа отворени и продолжија со одржување на традиционалните церемонии, и покрај предупредувањата од експертите дека ова може да доведе до катастрофални последици по јавното здравје.
На богослужбите што се одржуваа во текот на изминатата недела присуствуваа илјадници луѓе кои беа дел од традиционалниот обред на причестување, со што експлицитно ги прекршија мерките што властите ги донесоа на 30 март, меѓу кои и забраната за собирање на повеќе од три лица.
Црковните службеници инсистираат дека црковните традиции не нанесуваат никаква штета и дека тие не можат да шират болест, туку напротив дека ги лекуваат луѓето.
Аналитичарите сметаат дека владата покажува толеранција кон црквата, која во Грузија има голема улога во општеството и според некои истражувања, се рангира како втора по влијание во државата.
Токму поради тоа, критиките се дека власта заедно со црквата придонесува за доведување во опасност на јавното здравје, посебно што, според грузиските медиуми, веќе има регистрирани заразени меѓу црковните службеници – едно момче кое на 7 април било дијагностицирано со ковид-19, како и еден свештеник.
За многумина е нејасно однесување на Грузиската црква, имајќи предвид дека и други православни цркви кои се сметаат за влијателни во своите земји, како Руската и Грчката, или ги повикаа верниците да останат дома или ги откажаа богослужбите.
Во Грузија се регистрирани мал број заразени со коронавирус – 385 и само три смртни случаи, што се должи на мерките кои тамошната влада ги презеде многу рано, со тоа што уште на 29 февруари ги затвори училиштата и препорача социјално дистанцирање и постепено воведуваше забрани за движење и собири.