Собирот за поддршка на Жан Митрев доаѓа непосредно пред почетокот на судскиот процес. Граѓаните кои се дел од собирот се претставуваат како поранешни пациенти
Група граѓани утрово се собра пред Основниот кривичен суд во знак на поддршка и апел за правда на Жан Митрев. Собирот за поддршка на Жан Митрев доаѓа непосредно пред почетокот на судскиот процес. Граѓаните кои се дел од собирот се претставуваат како поранешни пациенти.
На претходното рочиште, кое се одржа на 5 април, пред судот исто така имаше собир, но на него беа дел од оштетените, семејства на починати пациенти.
Тогаш судскиот процес беше одложен со образложение дека одбраната нема направено увид во доказите.
На денешното рочиште треба да се дадат воведни зборови, а обвинетиот Митрев да се произнесе дали чувствува вина.
Жан Митрев непосредно пред стартот на судскиот процес ангажира нов адвокат, Никола Додевски, кој бараше увид во доказите, што на првото закажано рочиште му беше овозможено, но до 5 април не го направил увидот бидејќи предметот е во Апелација каде што има жалбена постапка во однос на замрзнувањето на имотот.
Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажуван дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа.
Кога го поднесоа обвинението, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје појаснија дека хемофилтрацијата како метод може да најде примена и во третирањето на ковид-пациенти, но оти таа е ограничена, кај најтешки пациенти со тешка клиничка слика. Она што го потенцираа е дека во обвинението не станува збор за тоа дека пациенти во клиниката „Жан Митрев“ починале од хемофилтрација и несовесно лекување, туку дека на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведе во заблуда.
Предметот во обвинителството беше отворен по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули 2022 година. По спроведена истрага, обвинение беше поднесено на 10 јануари годинава, а по прифаќањето следуваше и закажувањето на првото судско рочиште.
Докторот Жан Митрев, пак, во своите јавни настапи, како и во неколкуте соопштенија испратени до медиумите тврдеше дека не измамил пациенти, како и дека ова е хајка против него.
Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.