Во интервјуто зборува за можностите за неговото враќање, за соработката меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и поранешен претседател на СДСМ и актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На прашањето дека интензивно се зборува за неговото враќање во Македонија и дали условите се созреани за тоа, Груевски посочува дека неговиот политички прогон трае со ист интензитет како и во минатите шест-седум години
Поранешниот премиер Никола Груевски во ексклузивно интервју за српска „Политика“ истакна дека многумина во Македонија се плашат од евентуално негово враќање во земјава.
Во интервјуто зборува за можностите за неговото враќање во Македонија, за соработката меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и поранешен претседател на СДСМ и актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На прашањето дека интензивно се зборува за неговото враќање во Македонија и дали условите се созреани за тоа, Груевски посочува дека неговиот политички прогон трае со ист интензитет како и во минатите шест-седум години.
„Најголемо влијание во обвинителството, судството и медиумите и понатаму има Зоран Заев, кој е неуморно посветен на мојот и прогонот на моите поранешни соработници. Заев се ангажираше кај судиите, обвинителите и медиумите, некаде врши лично и политичко влијание, некаде финансиско, воедно контролира и голем дел од пратениците на СДСМ. Покрај опсесивната посветеност на мојот случај, со иста енергија е посветен на инвестирање во странство на неговите нечесно заработени пари и зголемување на неговото богатство во работите кои ги контролира во Македонија, во енергетскиот сектор, производството на марихуана, градежништвото…“,
објаснува Груевски.
Според него, и на претставниците на меѓународната заедница им е јасно дека Зоран Заев ја попречува работата на правосудниот систем поради постигнување на политичките и деловните цели.
„Нивната толеранција лежи во фактот што Заев им заврши огромна работа со Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Но прашањето е до кога ќе ги толерираат ваквите негови активности“,
вели тој.
Во интервјуто Груевски е прашан и за тоа дека неодамна обелоденил дека постои соработка меѓу Заев и опозицискиот лидер Мицкоски.
„Стојам зад тие изјави. Во меѓувреме стаса и јавна потврда од министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, за соработката меѓу Заев и Мицкоски, кога во интервју за македонски медиум истакна дека Заев на партиски состанок во седиштето на СДСМ го запознал раководството на партијата за содржината на разговорите со Мицкоски. Значи тоа веќе не е тајна, ниту непроверена информација. За жал, наместо да се бори да го порази Заев на политичката сцена и да помогне во запирање на неправдата која преку политички прогон ни е спроведена мене и на моите поранешни соработници, Мицкоски стана најголем сојузник со оној кој го креираше и диктира тој политички прогон. Заев направи непроценлива штета на Македонија, особено неговите ставови во врска со националните прашања“,
додава експремиерот.
Според него, влезот на Бугарите во Уставот е помал проблем, затоа што потоа следуваат поголеми прашања, прашањата за идентитетот на македонскиот народ, неговата историја и јазик.
„Знаејќи ги јавно изнесените ставови на Заев дека ние и Бугарите сме ист народ, што го изјави во интервју за бугарски медиум, а тоа македонската јавност го виде, се прашувам што следува за Македонија по изборите следната година ако тој и понатаму го држи во заложништво лидерот на опозицијата“,
додава Груевски за српска „Политика“.
Во интервјуто Груевски е прашан дека според зборовите на Мицкоски, тој бил договорен со властите да го ослободат со измените на Кривичниот законик, за што наводно ветил противуслуга.
„Помина повеќе од месец дена откако се усвоени измените на Кривичниот законик и сега е сосем јасно дека таа измена не е наменета за мене. Тоа беше валкан спин со краток рок на траење. Да беше тоа така, да беше тоа во мој интерес, јас веќе еден месец ќе бев во Скопје и овој разговор би го воделе во Македонија. Меѓутоа, како што гледате и знаете, јас и понатаму сум во Будимпешта. Но, ако следната година, во август на власт би дошла нова влада без партијата СДСМ, Заев и многу други луѓе од врвот на власта, на основа на овие членови од кривичниот законик каде казните се намалени, не би можеле да се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување за првите три и пол години, туку само за последните две. Тоа е еден вид на амнестија и за него и за другите од истиот табор“,
објаснува Груевски.
Според него, измените на Кривичниот законик имаат минорно влијание кога е во прашање неговото враќање во татковината.
„Сè додека трае политичкиот прогон, не може да се зборува за враќање во Македонија“,
нагласува експремиерот.
Но, и дали „судот во иднина ќе успее да се оттргне од Заевите канџи“, според Груевски, зависи од повеќе чинители.
„Кога станува збор за политичкиот прогон од Македонија, знам дека не тужат обвинителите и не судат судиите. Тие работат само формално. Поедини политичари обвинуваат, судат и се задолжени за медиумската пропаганда“,
додава Груевски.
Изјавите на неколкумина албански политичари во кои го споменуваат 23 октомври како ден за негово враќање, Груевски посочува дека тоа се изјави на албанските и македонските политичари, кои се блиски со фолклорот на Мицкоски и Заев.
„Незрелите политичари мислат дека вечно ќе бидат моќни“,
додава тој.
На прашањето како смета дека ќе се заврши ситуацијата во врска со неговиот политички прогон, Груевски вели дека сите овие или вакви, политички прогони, порано или подоцна паѓаат на еден или на друг начин.
„Меѓутоа, некои недоволно зрели политичари во Македонија тоа не го сфаќаат и мислат дека вечно ќе бидат моќни и дека вечно ќе можат да ги држат институциите заробени во своите канџи. Во овој момент имаме огромен ангажман на моќници во македонската политика за тоа да не се случи брзо, пред се поради нивниот личен интерес и страв. И сè додека ги играат овие игри, земјата тоне на сите полиња: се рушат моралните вредности, тоне економијата, цветаат корупцијата и криминалот, правниот систем е деградиран, институционалниот систем не функционира, не постои правната држава, а народот од сите националности масовно ја напушта земјата и владее тотална апатија. Многу е видливо дека многу е изгубено по прашањето на суверенитетот на земјата. Неспособни и коруптивни политичари купуваат милост за себе и толеранција за својата неспособност покажуваат дека со тоа што се препушта други да ги носат одлуките кои се во нивна надлежности. Така е изгубен суверенитетот“,
посочува тој.
На крајот од интервјуто вели дека во основа на сè е стравот од негово евентуално враќање во земјата.
„На прво место е односот на некои политичари кон мене во изминатите пет-шест години, но и нивната неспособност во севкупното водење на државата, како и криминално-коруптивни мотиви, поради што всушност некои од нив и се занимаваат со политика“,
заклучува Груевски.
Поранешниот премиер Никола Груевски во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“, побегна во Унгарија каде што доби азил.
Македонските власти по него имаат распишано меѓународна потерница.