Барањето до Врховен пристигнало вчера и веќе е оформен предмет кој е распределен кај судија известител
Поранешниот премиер првично беше осуден на седумгодишна затворска казна која потоа Апелација му ја зголеми за две години. Исто така, во случајот е досудена и конфискација на имот меѓу кои станови на Бихаќка во зградата каде живееше Груевски, три стана во „Панорама резиденс“, плацови на Водно и парцели во Крушево

Поранешниот премиер Никола Груевски, преку неговиот адвокат Димитар Дангов, до Врховниот суд поднел барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Плацови на Водно“ каде е осуден на девет години затвор.
Барањето, како што информираат од Врховен, пристигнало вчера.
„По поднесеното барање оформен е предмет под КВП-КОК2-16/23 и е распореден кај судија-известител за понатамошно постапување“,
велат од Врховен.
Барањето следува откако во март годинава пресудата со одлука на Апелацискиот суд Скопје стана правосилна.
Експремиерот во „Плацови на Водно“ е прогласен за виновен за две кривични дела: перење пари и противправно стекнување и прикривање имот.
Со првостепената пресуда од Основниот кривичен суд Скопје од 21 април 2022 година тој првично доби седумгодишна затворска казна, а Апелација потоа му ја зголеми казната за две години.
Покрај Груевски, во случајот за виновен беше прогласен и неговиот братучед, бившиот директор на УБК Сашо Мијалков. Од Кривичен тој доби затворска казна од една година и три месеци, а истата од Апелација потоа беше преиначена во условна казна.
На едногодишна затворска казна во „Плацови на Водно“ беше осуден и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, додека условни добија негова мајка Ратка Куновска-Камчева, како и Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.
Во предметот беше досудена и конфискацијата на имот кој е со приближна вредност од три милиони евра. Меѓу него се најдоа: два стана на „Бихаќка“ (соседните каде што живееше Груевски); плацови на Водно со површина од околу 11 000 квадратни метри; две парцели во Крушево и трите стана во „Панорама резиденс“ во центарот на Скопје.