Првиот вицепремиер изрази уверување дека законите нема да паднат на Уставниот суд зашто, како што кажа, во нив никаде не се споменува спорната бојка од 60 работни часови – нешто што претходно го кажа и претседателот Стево Пендаровски, кога објави дека ќе ги потпише указите за законите поврзани со изградба на коридорите 8 и 10-д
Вицепремиерот и министер за политички систем, кој е и координатор на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д, Артан Груби, верува дека законите поврзани со изградба на коридорите, меѓу кои е и оној за работни односи, нема да бидат оспорени од страна на Уставниот суд.
Груби ова го изјави на денешниот настан кој беше најавен како почеток на работите за изградба на Коридорот 8.

Одговарајќи на новинарски прашања на патарината Тетово – Гостивар, првиот вицепремиер изрази уверување дека законите нема да паднат на Уставниот суд зашто, како што кажа, во нив никаде не се споменува спорната бојка од 60 работни часови – нешто што претходно го кажа и претседателот Стево Пендаровски, кога објави дека ќе ги потпише указите за законите поврзани со изградба на коридорите.
„Не гледам причина зошто би имало иницијатива до Уставен, зашто никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часови. Целата работа се искоординира со правната служба во Владата, со Законодавно-правната комисија, со сите експерти што ги има Владата и министерствата, така што нема апсолутно никаква причина ниту да се оспори ниту да се разгледува од Уставниот суд“,
рече Груби.
Законското решение, вели Груби, им овозможува на работниците по претходна согласност да работат прекувремено и за тоа да добијат соодветен надомест.
Со Законот за работни односи, кој заедно со уште четири закони беше доставен од Владата во Собранието, а беше означен со европско знаменце, ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Овој, заедно со Законот за урбанистичко планирање, Законот за експропријација, Законот за градење и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д, беа усвоени од страна на Собранието минатата недела.
Законските измени потоа беа испратени на понатамошно разгледување кај шефот на државата Стево Пендаровски, кој по анализа со неговиот правен тим, одлучи да ги потпише указите за прогласување на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
За најоспоруваните измени на Законот за работни односи, кои предвидуваат можност за зголемена работна недела на работниците ангажирани на проекти од национален и стратешки интерес, како што се коридорите 8 и 10-д, претседателот рече дека оваа година тие не ја содржат формулацијата „60-часовна работна недела“, која веќе еднаш беше укината од Уставен.