Груби и Гир разговарале и за внатрешно-политичките настани во земјава, со фокус на европските трендови и интеграции, како и за успешниот напредок на скрининг-процесот и спроведување на реформите
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска се сретна со шефот на мисијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир.
На средбата, како што информираа од кабинетот на Груби, се разговарало за Јавниот повик за поддршка на невладините организации од страна на Владата.
„Процесот ќе биде многу транспарентен бидејќи вклучува претставници од повеќе институции, како и од Советот за поддршка на невладините организации, а во целиот процес на селекција се поканети да учествуваат и претставници од Европската Унија“,
нагласил првиот вицепремиер.
Потребата од уставни измени за да се отвори дискусијата за европската иднина на државата исто така била дел од разговорот меѓу Груби и Гир, но и одлуките кои во наредниот период треба да се донесат во Собранието со политички и општествен консензус од сите општествени политички чинители.
Груби и Гир разговарале и за внатрешно-политичките настани во земјава, со фокус на европските трендови и интеграции, како и за успешниот напредок на скрининг-процесот и спроведување на реформите.