Сертификатот содржи информации за оној што го поседува: за вакцинација, резултат од последен брз молекуларен тест или ПЦР-тест или за прележан ковид-19
Преку законски акт, потпишан од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и објавен во „Службен весник“, Грција е меѓу првите земји што официјално и во пракса го воведува европскиот дигитален ковид-сертификат, јави МИА од Атина.
Конкретниот законски акт ги предвидува начинот на издавање и содржината на сертификатот, а генералниот секретар за координација на владата Танасис Кондогеоргис, за грчката телевизија ЕРТ, утрово објасни дека Грција заедно со првите неколку земји ќе почне од утре да го спроведува.
Дигиталниот ковид-сертификат содржи информации за оној што го поседува: за вакцинација, резултат од последен брз молекуларен тест (рапид) или ПЦР-тест или за прележан ковид-19.
За сите три опции вклучени се основните лични податоци, како што се име и презиме и датум на раѓање.
При вакцинација, неопходни податоци се видот на вакцината, производителот, бројот и датумот на примените дози.
За втората опција, односно негативен резултат од направен тест, сертификатот содржи податоци за видот на тестот, производител на тестот, датумот на спроведување и установата во која бил направен, како и резултатот.
Доколку лицето што го поседува сертификатот прележало ковид-19, тогаш потребен е податок за датумот на позитивен резултат.
Европскиот дигитален ковид-сертификат официјално беше презентиран во петокот во Атина.