Претседателот на грчката управа за спречување перење пари, Хараламбос Вурлиотис, објасни дека мерката се однесува и на нејзините роднини и вклучува „банкарски сметки, сефови, компании и други финансиски средства“, пренесува Франс прес
Грција го замрзна имотот на потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, поради истрагата што беше покрената поради сомневање за корупција и перење пари во ЕП.
Претседателот на грчката управа за спречување перење пари, Хараламбос Вурлиотис, објасни дека мерката се однесува и на нејзините роднини и вклучува „банкарски сметки, сефови, компании и други финансиски средства“, пренесува Франс прес.
Белгиското обвинителство покрена обвиненија против четворица осомничени дека примале пари и подароци со цел да влијаат на одлуките на Европскиот парламент во корист на една земја од Персискиот залив, а како што пренесува Ројтерс, меѓу обвинетите е и потпретседателката на ЕП Ева Каили.
Во меѓувреме, Европскиот парламент објави дека се суспендирани овластувањата и должностите на потпретседателката на ЕП Ева Каили, пренесе Ројтерс.
Социјалистите на Грција, движењето ПАСОК, чиј член е Каили, објавија дека таа е исклучена од партијата, но нејзиниот кабинет не одговара на телефонските повици или мејловите на новинарите, наведува британската агенција.
„Белгиската истрага за наводниот поткуп во ЕП е многу загрижувачка,
изјави денеска Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија (ЕУ).
Реагираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која посочи дека сомнежите за корупција во ЕП се многу сериозни.
„Овие наводи се крајно загрижувачки, крајно сериозни. Прашање е за довербата на луѓето во нашите институции“,
истакна Лајен, потсетувајќи дека предложила создавање независно тело за етички прашања во институциите на ЕУ.