На 11 и 18 мај, под специјални правила и услови, поделени во групи, грчките средношколци ќе се вратат во училишните клупи. Основните училишта и градинките засега остануваат затворени, со можност, доколку епидемијата оди во надолна линија, да се отворат на 1 јуни, соопшти денеска министерката за образование и религија, Ники Керамеос, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчките средношколци ќе полагаат и државна матура на 15 и 16 јуни.
Првиот датум за враќање во училишните клупи, 11 мај, е за матурантите, а една седмица подоцна, 18 мај, и останатите средношколци.
Училишната година ќе трае до 12 јуни, а новата, пак, ќе почне порано, најверојатно на 1 наместо на 11 септември.
Според планот кој го соопшти министерката, средношколците кои по враќањето во училиштата ќе бидат поделени во две групи од најмногу 15 ученици. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.
Меѓу учениците задолжително е да има растојание од еден и пол метар додека пак употребата на заштитна маска е по свој избор како за време на наставата, така и во школските автобуси.
Во училиштата ќе има антисептици, училишните простории редовно ќе се проветруваат и ќе се чистат два пати на ден.
„За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, се продолжува прекинот на работата. Се разгледува можноста за отворање на 1 јуни. Повторувам, тоа е веројатноста. Само ако сме апсолутно сигурни дека текот на епидемијата оди по надолна линија“,
рече Керамеос и објасни дека во случај да се отворат, тогаш школската година ќе се продолжи до 30 јуни.
Академската година за студентите во Грција, пак, ќе заврши со предавања на далечина, за испитите ќе има дополнителна одлука, а од 25 мај ќе има можност да се отворат лабораториите за пракса на студентите.
Инаку, во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани само десет нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број заразени се зголеми на 2 576 лица. Регистриран е и еден смртен случај, додека вкупната бројка на жртви изнесува 139.