Турската страна тврди дека бродот „Оруч Рејес“ спроведува серија сеизмички истражувања во морето, но грчките стручњаци сметаат дека тоа е е помалку веројатно, поради малото растојание на кое се наоѓаат бродовите кои го следат и го сметаат за провокација
Грција продолжува со дипломатските активности за да ги блокира активностите на Турција во Источниот Медитеран, кои предизвикаа тензии откако пред неколку дена Анкара го испрати бродот „Оруч Рејес“ во истражувачка мисија која Грција ја смета за провокација.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас денеска во Виена ќе се сретне со американскиот државен секретар Мајк Помпео, а од австрискиот главен град, ќе учествува и на вонредниот состанок на Советот за надворешни прашања на ЕУ.
Според Министерството за надворешни работи на Грција, разговорите на Дендиас и Помпео ќе се фокусираат на случувањата во Источниот Медитеран, под призмата на ескалацијата на турските прекршувања.
Министерот за надворешни работи на Грција ќе се сретне и со неговиот австриски колега со кој заедно ќе земат учество на Советот за надворешни прашања на ЕУ што ќе се одржи преку видеоконференција, а е свикан вонредно, по барање на официјална Атина за, според грчкото МНР, „да се разговара за нелегалните актвности на Турција во делот на грчкиот континентален гребен“.
Државниот министер на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи за радиото „Скај“ рече дека од денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ очекуваат јасна поддршка од унијата за грчките позиции.
За случувањата во Источниот Медитеран, германската канцеларка Ангела Меркел, вчера телефонски разговарала со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека Мицотакис ја информирал Меркел за турските прекршувања во пресрет на состанокот на Советот за надворешни прашања на Европската Унија.
Според туската новинска агенција „Анадолија“, Ердоган, за време на телефонскиот разговор со Меркел истакнал дека Турција верува во решавањето на проблемите во Источниот Медитеран во рамките на меѓународното право, засновано на дијалог и правичност.

Турскиот брод „Оруч Рејес“ утрово плови јужно од грчкиот остров Родос и југоисточно од Крит, во, како што смета официјална Атина, грчкиот континентален гребен.
Вчера според непотврдени информации дошло до судир на два брода кои пловеле под грчко и турско знаме, по што следуваше и предупредување од Ердоган дека ќе следат сериозни последици доколку некој го нападне истражувачкиот брод, без да прецизира на кого се однесува предупредувањето.
Грчките медуми исто така јавија дека турски воени бродови во текот на вчерашниот ден неколку пати навлегле во грчките територијални води.
Турската страна тврди дека бродот „Оруч Рејес“ спроведува серија сеизмички истражувања во морето, но грчките стручњаци сметаат дека тоа е е помалку веројатно, поради малото растојание на кое се наоѓаат бродовите кои го следат.