Со измените на Законот, како што претходно најави Грковска, треба да им се овозможи на домашните институции освен за лица кои се под санкции на Европската Унија и на Обединетите нации, да преземаат мерки и за оние кои ќе се најдат на американската „црна листа“
Грковска и координаторот на Стејт департментот на САД за глобално спречување на корупцијата разговарале и за потребата од зајакнување на капацитетите на судскиот систем во делот на справување со корупцијата и организираниот криминал. Заклучокот бил дека ова прашање треба да биде еден од стратегиските приоритети на нашата држава за наредниот период
Измени на Законот за рестриктивни мерки, кои треба да им овозможат на македонските институции да преземаат мерки по објавувањето на конкретни имиња на американската „црна листа“, била една од темите на состанокот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска со координаторот на Стејт департментот на САД за глобално спречување на корупцијата, Ричард Нефју.

Состанокот меѓу Грковска и Нефју, како што информираа денеска од владината прес-служба, се одржал во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) против корупцијата, што се одржува во Атланта, САД.
Инаку, иницијативата за промена на Законот е на Грковска, а доаѓа откако изминатиов период повеќе лица – бизнисмени, поранешни и актуелни функционери се најдоа на листата на санкции на САД поради вмешаност во значителна корупција.
Во врска со измените, како што информирала вицепремиерката на средбата со Нефју, наредната недела треба да заседава работна група што ја предводи таа.
„Таа го информираше Нефју дека на нејзина иницијатива е започната постапка за промена на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се вклучат и правните акти на САД, по што македонските институции ќе имаат можност да преземат ефикасни мерки по објавувањето на конкретни имиња на листата на санкции на САД, за што веќе наредната недела ќе заседава работната група што таа ја предводи“,
се наведува во соопштението од Владата за средбата.
Грковска известила и дека во тек е и подготовка на друго законско решение, кое исто така ќе биде поврзано со листата на санкции на САД, а кое, како што се наведува, ќе обезбеди друг вид конкретни санкции.
Нефју, од своја страна, ги поздравил напорите на вицепремиерката Грковска за креирање на ефикасни механизми во справувањето со корупцијата.
„Тој упати јасна порака дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Република Северна Македонија за превенција на корупцијата, вклучително и со мерки кои овозможуваат одговорност за оние кои им штетат на граѓаните и иднината на земјата“,
информираат од Владата.
Ова значи дека и Нефју го потврдил она што веќе во неколку наврати го најави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер дека листата на санкции на САД ќе се проширува со нови имиња на македонски државјани вмешани во корупција.

Грковска и Нефју, како што се додава, разговарале и за потребата од зајакнување на капацитетите на судскиот систем во делот на справување со корупцијата и организираниот криминал. Заклучокот бил дека ова прашање треба да биде еден од стратегиските приоритети на нашата држава за наредниот период.
Вицепремиерката информирала дека во завршна фаза е и подготовката на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, за кој веќе се одржа јавна расправа и добиено е мислење од Европската Комисија, по што следи имплементирање на забелешките.
Грковска законските измени за кои станало збор на состанокот со Нефју ги најави на 23 ноември во интервју за „ТВ Сител“, една недела откако на „црната листа“ на САД се најдоа Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. На листата на санкции се најдоа и пет фирми поврзани со Јордан Камчев, чие име претходно во јули годинава беше ставено на „црната листа“ на САД.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење во таа пригода рече дека со законските измени лицата кои се на листите на санкции на САД, Европската Унија и Обединетите нации би им се оневозможило да бидат носители на функции во земјава.
„Паралелно со зајакнување на критериумите за носителите на функциите, кабинетот за политики за добро владеење подготви предлог за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, со кој, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, ќе се додадат и мерките на САД, како основа за законски рестриктивни мерки“,
изјави вицепремиерката за добро владеење.
Изминативе денови темата со „црната листа“ повторно се најде во фокусот, откако на неа беше додадено и името на бизнисменот, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.
Во врска со неговото ставање на листата на санкции американската амбасадорка Анџела Агелер пред два дена на брифинг со неколкумина новинари посочи дека ставањето на поранешниот вицепремиер на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности. Таа не откри детали за кои случаи конкретно станува збор. Сепак, рече дека не станува збор за изолиран случај.
Со конкретните санкции на Анѓушев и неговото семејство им е забрането да патуваат во САД, но не и на неговите бизниси да продолжат да функционираат во Америка. Агелер вели дека засега таа не знае дали има и можност Анѓушев да биде опфатен со санкции од некоја друга американска институција, како на пример, од Министерството за финансии. Но, не пропушти да потсети дека имало случаи кога едно лице било санкционирано од две различни американски институции.
Анѓушев, пак, ги негираше сите сомневања на Стејт департментот и најави жалба на одлуката.
На „црната листа“ од претходно се наоѓаат имињата на актуелниот градоначалник на Струга од редовите на ДУИ Рамиз Мерко, поранешниот премиер Никола Груевски и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.