Веднаш по констатираните грешки, писмено се обративме до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста, велат Ангеловска и Илиоска

По многуте реакции во јавноста за повеќе катастрофални грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска денеска преку социјалните мрежи дадоа објаснување дека грешките биле технички, а тие не можеле да го прегледаат учебникот пред печатењето.
„Веднаш по печатењето на финалната верзија на учебникот, ги забележавме грешките, кои се настанати во текот на неговата финална подготовка, кои за жал, не се забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминаа сите филтри, кои се законски предвидени. Истите грешки ги има и во учебникот преведен на албански јазик, кој е споделен во електронската верзија. Веднаш по констатираните грешки, писмено се обративме до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста“,
се вели во објаснувањето од авториките.
Според нив учебникот кој е тема на дискусија е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба, уште во мај годинава.
„Сите сугестии кои беа од техничка природа, се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија. Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење. Можеби ќе забележавме дека пишува дека наместо V век, пишува V век пр.н.е, дека при обработка и едитирање на текстот останала грешка за местоположбата на нашите соседи од исток и запад или за мерните единици“,
додаваат авторките.
Во нивната реакција се вели дека е навредлива констатацијата дека авторките се неписмени, нестручни и некомпетентни.
Ангеловска и Илиоска бараат надлежните во МОН да ги коригираат електронските верзии и ги замолуваат наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти, како што им посочуваат и за сите други учебници, каде ќе констатираат грешка.
Ангеловска и Илиоска апелираат до МВР да ги заштити од нападите на социјалните мрежи и заканувачките пораки.
„Печатните и ненамерно направените грешки се исправаат ама насилството што се промовира на социјалните мрежи остава длабоки траги врз луѓето и нивните семејства“,
велат тие.
Новиот учебник по Историја и општество, кој петтоодделенците го добија во текот на овој месец, од вчера е актуелна тема во медиумите откако во него се виде дека во Тема 2 – „Населението и за континентите“, на децата им се нуди информација дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри.
Досега се учеше дека врвот што го нарекуваат и покривот на светот е висок 8 849 метри.
Монт Еверест е висок 29 305, ама не метри, туку стапки. Ако стапките се претворат во метри, се добива точно 8 849 метри.
Денеска се откри нова географска грешка во истиот учебник.
Во истата Тема 2 – „Населението и континентите“, во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.
Северниот и јужниот сосед се правилно напишани, Србија и Косово на север и Грција на југ.