Изјавата на претставникот за специјални мисии на американскиот претседател Доналд Трамп, објавена на социјалната платформа Икс, е прва реакција на новата американска администрација за протестите во Србија, кои траат повеќе од два месеци, а почнаа по уривањето на натстрешницата на Железниката станица во Нови САД при што загинаа 15 лица
Претставникот на новиот американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, објави коментар на социјалните мрежи за протестите во Србија, велејќи дека е важно да се слушнат различни гласови, но оти САД не ги поддржуваат оние кои го поткопуваат владеењето на правото и кои со сила сакаат да ги заземат државните институции.
Со објавата, Гренел сподели и видео од протестите што се одржуваат во Србија, а кои започнаа по уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад пред два месеци, кога загинаа 15 лица.
„Секогаш е важно да можеш да го кренеш својот глас и да бидеш слушнат. Но, секој мора да го осуди насилството и да се држи до мирните демонстрации. Демократскиот процес мора да се почитува. Ние не ги поддржуваме оние кои го поткопуваат владеењето на правото и насила ги заземаат државните институции. Ако не ви се допаѓа законот или лидерот, тогаш работете на смена, но не посегнувајте кон насилство“,
напиша Гренел на социјалната платформа Икс.
It is always important to raise your voice and to be heard.
— Richard Grenell (@RichardGrenell) January 25, 2025
But everyone must condemn violence and stick to peaceful demonstrations. The democratic process must be respected.
We do not support those who undermine the rule of law or who forcefully take over government… https://t.co/phI5QhCSAr
Објавата на Гренел е прва реакција на новата американска администрација на протестите во Србија, кои траат повеќе од два месеци.
Почетокот на протестите беше означен со немири и судири во Нови Сад кога од страна на демонстрантите беше демолирано Градското собрание, на што Владата одговори со апсења и обвинувања кон опозицијата, која повика на протести. Од опозицијата ги негираа ваквите тврдења, наведувајќи дека зад инцидентите стои власта.
На 17 јануари полицијата ја исфрли опозицијата од Градското собрание во Нови Сад, по што советниците ја блокираа институцијата.
Студентите кои ги блокираат факултетите низ Србија се оградуваат од опозициските партии и организации и бараат политичка и кривична одговорност за падот на натстрешницата, но не и смена на владата, наведува регионалниот сервис на Радио слободна Европа.
Тие бараат објавување на целосната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, санкционирање на напаѓачите на учесниците на протестот и прекинување на постапките против демонстрантите.
Владините претставници тврдат дека се исполнети сите барања и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите.
Другата страна, пак, тврди дека барањата се само делумно исполнети и дека блокадата на факултетите ќе продолжи.
Ричард Гренел беше назначен за пратеник за специјални мисии во вториот мандат на Трамп.
Во неговиот прв мандат, тој беше директор на националните разузнавачки агенции, а беше и амбасадор во Германија и специјален пратеник на претседателот за преговорите меѓу Србија и Косово.
Гренел продолжи да го посетува Белград дури и по поразот на Трамп на изборите во 2020 година, кога не ја извршуваше функцијата специјален пратеник.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во октомври 2023 година му го додели Орденот на српското знаме прв степен, за истакнати заслуги во развојот и зајакнувањето на мирољубивата соработка и пријателските односи меѓу двете земји.