„Спасете ја ивент индустријата“, „Вие пропуштивте роденден, ние изгубивме работа“, „Грбот нè боли од тапкање“, „Први затворивме, последни ќе отвориме“ – со вакви транспаренти вработените во индустријата за организирање настани денеска излегоа на протест пред Владата и побараа финансиска помош за излез од кризата.

На протестот се пожалија дека се едни од најпогодените од рестрикциите воведени поради пандемијата со ковид-19 и обвинија дека државата е глува за нивните барања.
Според нив, иако во последниот сет мерки има наменета мерка за организаторите на настани, велат дека е неразбирлива и дека сѐ што побарале Владата не испочитувала.

„Цела година не работиме, не сме препознаени од Владата, односно сме препознаени на некој чуден начин, неразбирлив за нас. Состојбата е таква каква што е, бројот на заболени се зголемува, ние сметаме дека веднаш треба да седнеме и да разговараме за некаков спас на индустријата бидејќи е непримерно сега да одржуваме јавни настани и да правиме големи концерти. И покрај тоа што веќе еднаш разговаравме, сѐ она што го договаравме и сѐ она што го побаравме од Владата не е ништо испочитувано“,
рече Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијацијата на ивент-индустријата.