Границите на Грција за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани се затворени речиси 15 месеци, откако лани, за време на првиот карантин во март, беше воведена одлуката, а оттогаш континуирано се продолжува
Одлуката на грчката Влада за привремено затворање на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани од трети земји, е продолжена до 14 мај, јави МИА од Атина.
Тоа значи дека јужната граница и понатаму останува затворена за македонските државјани.
Според најавите од Грција од изминатиот период, а тоа го потврди и министерот за здравство Венко Филипче, се очекува за две седмици да бидат отворени копнените граници на Грција и да се укинат ограничувањата, а патувањето да биде или со негативен тест за ковид-19 или со потврда за вакцинација.
Засега, овие правила важат за 11 трети земји, како и за државјаните на земјите членки на ЕУ и Шенген зоната, кои согласно претходните одлуки се исклучок од забраната за влез и се ослободени од задолжителниот карантин.
Во сила, и понатаму е и новото правило воведено минатата седмица, според кое, задолжителниот ПЦР тест за влез во Грција важи и за деца кои наполниле пет години.
За туристите за кои не важи забраната, дозволен е влез преку граничните премини од Бугарија, Промахонас (Кулата) и Нимфеас (Маказа), со негативен ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето, но и доколку имаат негативен резултат од брзиот тест направен на самата граница.
За граничниот премин Евозни (Богородица) од Северна Македонија, како и Какавиас од Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.
За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а исто како и за останатите патници за кои е дозволен влез, така и на возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.
Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и ЕУЛЕКС на Косово.
Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на ковид-19 на грчка територија“.
За сите патници кои пристигнуваат во Грција, задолжително е пополнување на електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form).
Границите на Грција за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани се затворени речиси 15 месеци, откако лани, за време на првиот карантин во март, беше воведена одлуката, а оттогаш континуирано се продолжува.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во телевизиската порака до граѓаните пред десет дена, кога соопшти олабавување на мерките, најави дека на 15 мај „ќе биде отворен туризмот“.
