Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН соопшти дека од почетокот на руската инвазија врз Украина има повеќе од 1 200 цивилни жртви, од кои најмалку 406 загинати и 801 повредени
Руските воени сили продолжија со гранатирање на повеќе градови во Украина во текот на ноќта и раните утрински часови.
Според Украинската Државна служба за вонредни состојби (СЕС), во Жиотимир, западно од Киев, избил пожар во складиштето за нафта во Черњахив кој беше изгаснат во раните утрински часови. Во источниот град Суми, во воздушни бомбардирања се уништени станбени куќи и запалена е станбена зграда. Една жена е повредена, а девет лица загинале, меѓу кои и две деца.
Во Миколаев на југот на Украина избувнале неколку пожари во станбени области. Во нападот загинале четворица цивили, а уште петмина биле извлечени од под урнатините и пренесени се во болница.
Во Харков во источна Украина, во руското гранатирање погодена е зграда на девет ката, по што пожар избувнал во 27 станбени единици, а на спасувачите им требале повеќе од четири часа да го изгаснат. Најмалку четири лица загинале.
Украина пријавила до Меѓународната агенција за атомска енергија дека нуклеарен истражувачки објект, каде се произведуваат радиоизотопи за медицински и индустриски цели, бил оштетен од руското бомбардирање во градот Харков.
Тоа го потврди генералниот директор на МААЕ, Рафаел Мариано Гроси, истакнувајќи дека бомбардирањето не предизвикало зголемување на нивото на радијација на локацијата.
„Мораме да дејствуваме сега за да избегнеме нуклеарна несреќа во Украина што може да има сериозни последици за здравјето и животната средина. Не можеме да си дозволиме да чекаме“,
наведе Гроси.
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН соопшти дека од почетокот на руската инвазија врз Украина има повеќе од 1 200 цивилни жртви, од кои најмалку 406 загинати и 801 повредени.
Повеќето од повредените се во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина. Бројките се груба проценка и реалните се веројатно значително повисоки.
Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди изјави рече дека досега повеќе од 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина.
Тој нагласи тоа е „најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна“.
Руските власти најавија дека од денеска ќе стапи на сила прекинот на огнот за неколку украински градови за евакуација на цивили преку хуманитарни коридори.
„Руската Федерација објавува прекин на огнот во 10 часот (по московско време) на 8 март, за евакуација на цивили од Киев, како и од други градови“,
се вели во објавата.
Станува збор за градовите Суми, Харков, Чернихив и Мариупол, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана задолжено за хуманитарните операции во Украина.
Третата рунда руско-украински разговори заврши синоќа во Белорусија, а Украинците изјавија дека се постигнати „позитивни резултати“ за хуманитарните коридори, а Русите рекоа дека „можело да се направи повеќе“.
„Постигнавме одредени позитивни резултати во логистиката за хуманитарни коридори“,
објави на Твитер Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател и член на преговарачката делегација.
Третата рунда преговори се одржа во Беловешката Шума, национален парк на границата меѓу Белорусија и Полска. По други разговори минатата недела, во четвртокот беше договорено да се отворат хуманитарни коридори за цивилите во областите на тешки борби. Сепак, договорот не беше спроведен, а Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат дека спречуваат евакуација на цивили.
Москва вчера соопшти дека хуманитарните коридори ќе одат кон Белорусија или Русија, што Украина го опиша како „целосно неморално“.