Граѓанските организации и движења очекуваат од Уставниот суд да го препознае прекршувањето, да поведе постапка и да донесе одлука за укинување и поништување на новите одредби 17 и 18, со што би се вратиле старите членови 61 и 62 од Изборниот законик

Повеќе граѓански организации и движења до Уставниот суд ќе поднесат Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на одредбите 17 и 18 од измените на Изборниот законик од 07.03.2024 година, а што се однесуваат на условите за поднесување независни листи за советници, градоначалници и пратеници.
Со тие измени, како што се вели во денешното соопштение од потписниците на Иницијативата, драматично се покачи бројот на собрани потписи за поднесување листа на дури еден отсто од гласачите, што на некои места оди и до 4 и 5 пати повеќе потписи од досега. Со ова, додаваат оттаму, се оневозможува собирањето потписи за независните листи и се прави нивна елиминација во полза на партиите.
„Сево ова значи дискриминација на граѓанските иницијативи и независните листи, со што се крши уставноста и законитоста во повеќе членови. Од Уставниот суд се очекува да го препознае тоа прекршување, да поведе постапка и да донесе одлука за укинување и поништување на новите одредби 17 и 18, со што би се вратиле старите членови 61 и 62 од Изборниот законик“,
се вели во соопштението.
Уставната иницијатива е поднесена од екоактивисти од повеќе граѓански организации и иницијативи: Зелен институт, Стига е, Независните од Карпош, Зелените од Гази Баба, Зелен хуман град и Шанса за Центар, а застапувани од адвокатската канцеларија на Соња Петрушева.
На измените на Изборниот законик, кои на почетокот на март беа донесени во Собранието по скратена постапка, а предвидуваат измени што влијаат на потенцијалното учество на независни кандидати во наредните изборни процеси, уште тогаш реагираа од групата независни активисти и членови на совети.
Со измените, наместо 1 000 потписи од регистрираните избирачи во конкретната изборна единица, претендентите за пратеничката функција ќе треба да обезбедат најмалку еден отсто потписи од вкупниот број запишани избирачи во изборната единица каде што се кандидираат.
Оттаму потсетија дека ваква измена имало обид да се спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување голем дел од новите независни кандидати, но обидот бил блокиран од голем број амандмани.
Овие измени, додаваат во реакцијата, ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година.