„Времето темпирано пред изборите кажува дека ние како независни листи, според нивните проценки, ќе сме имале можност да влијаеме на нивните проекции и планови. Оттаму нивната едногласност за донесувањето на овој Закон. Ова покажува и дека ние имаме некаков рејтинг што народот го цени и најверојатно сме некаква закана штом набрзина се донесе таков закон, што сметаме дека не е уставно“, велат поднесувачите на иницијативата
Иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на одредбите 17 и 18 од Изборниот законик кои се однесуваат на условите за поднесување независни листи за советници, градоначалници и пратеници денеска беше поднесена до Уставниот суд од екоактивисти од шест граѓански организации и движења.
Активистите сметаат дека со одредбите 17 и 18 се прекршени четири членови од Уставот, како и дека по нивното донесување значително е влошена состојбата на независните листи и независните иницијативи бидејќи многу е подигнат прагот за собрани потписи како услов за поднесување листа.
Според активистите, измените на овие два члена се направени во полза на политичките партии, а на штета на граѓанските здруженија и иницијативи и на нивното право да учествуваат на изборите, со што се нарушува демократскиот процес и демократичноста на државата.
Лилјана Поповска од „Зелен институт“ по поднесувањето на Иницијативата во Уставниот суд рече дека се надеваат дека Уставниот суд ќе поведе постапка за укинување и поништување на членовите 17 и 18 од Изборниот законик.
„Од име на шест граѓански организации и иницијативи поднесовме Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на двата члена, 17 и 18 од Изборниот законик, кои ги заменија членовите 61 и 62. Овие измени беа направени во март годинава, непосредно пред изборите. Цениме дека со нив драматично се влоши состојбата на независните листи и независните иницијативи. Наместо досегашните бројки кои и без тоа беа доволно високи, се побара дури еден отсто од единицата на локалната самоуправа или изборната единица да бидат поднесени како услов за поднесување листа, било на локално или на државно ниво“,
рече Поповска.
Со ова, додаде таа, е направена сериозна дискриминација на граѓаните и на граѓанските иницијативи во нивното право да учествуваат на избори, а потоа и во власта на локално и на централно ниво.
„Конкретно, мислиме дека се прекршени четири членови од Уставот, членот 9 за еднаквоста на секој граѓанин, членот 20 за слободата на здружување за остварување на нивните политички права и уверувања, членот 23 со кој на секој граѓанин му се дава еднакво право да учествува во вршење јавни функции и членот 110 со кој се штитат слободата и правата на граѓаните во однос на политичките здружувања и дејствувања и се забранува дискриминација“,
објасни Поповска.
Таа укажа дека за учество на парламентарните избори досега биле потребни 1 000 гласа од изборна единица, а сега ќе бидат потребни четири до пет повеќе. За локално ниво, рече Поповска, имаше градација од 100 до 1 000, а сега, конкретно за Скопје, се барат 4 700 гласови или половина, колку што „тежи“ еден советник во градот.
„Излегува дека оние што не си ги познавал и гласале за тебе, треба да ги бараш да ти се потпишат, за да ти дозволи државата да поднесеш листа, што е тотална дискриминација. Инаку, во однос на партиите, зошто е дискриминирачки, затоа што партија може да е регистрирана со 1 000 потписи, па ако 1 000 потписи се доволни за партија да поднесе листи каде било и на кое било ниво, имаше логика за граѓанските здруженија и иницијативи исто така да е максимум 1 000. Но, сега тоа се поместува за четири до пет пати повеќе“,
рече Поповска.
Костадин Ристоманов од „Стига е!“ од Струмица смета дека партиите, наместо да го зголемат степенот на толеранција и демократичност, го враќаат назад.
„Времето темпирано пред изборите кажува дека ние како независни листи, според нивните проценки, ќе сме имале можност да влијаеме на нивните проекции и планови. Оттаму нивната едногласност за донесувањето на овој закон. Ова покажува и дека ние имаме некаков рејтинг што народот го цени и најверојатно сме некаква закана штом набрзина се донесе таков Закон што сметаме дека не е уставно“,
рече Ристоманов.
И според Ѓорѓи Танушев од „Стига е!“, со измените се зголемуваат бариерите за влез на граѓанските активисти на локално или централно ниво, што е дискриминирачки и ќе го намали степенот на демократија во државата.
„Овде сме да направиме промена во функција на демократијата, да се тргне дискриминацијата која сега се става во институционална форма, зашто еден отсто од гласачкото тело е компаративно многу повеќе од она што порано беше фиксно во секоја изборна единица. И така беше висок бројот во однос на Европа и во соседството зашто таму се потребни најмногу неколку стотици. Апелираме на оние што ќе одлучуваат да се борат за принципот на правичност и недискриминација, а партиите да се разбудат и да ги исполнат ветувањата за демократичност“,
рече Танушев.
Уставната иницијатива е поднесена од екоактивисти од повеќе граѓански организации и иницијативи: Зелен институт, Стига е, Независните од Карпош, Зелените од Гази Баба, Зелен хуман град и Шанса за Центар, а застапувани од адвокатската канцеларија на Соња Петрушева.
На измените на Изборниот законик, кои на почетокот на март беа донесени во Собранието по скратена постапка, а предвидуваат измени што влијаат на потенцијалното учество на независни кандидати во наредните изборни процеси, уште тогаш реагираа од групата независни активисти и членови на совети.
Оттаму потсетија дека ваква измена имало обид да се спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување голем дел од новите независни кандидати, но обидот бил блокиран од голем број амандмани.
Овие измени, додаваат во реакцијата, ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година.